Connect with us

Агуеро ги спореди квалитетите на Винисиус и на Јамал и откри кој има поголеми шанси за победа на Ел Класико

Во пресрет на дербито меѓу Реал Мадрид и Барселона, поранешниот репрезентативец на Аргентина, Серхио Агуеро, ги анализираше квалитетите на Винисиус Жуниор и на Ламин Јамал.
Кун, кој има 17 трофеи во својата кариера, ја изрази својата наклонетост за талентот на каталонците.

„Ако зборуваме за стил на игра, ако зборуваме за талент, тогаш Ламин го надминува Винисиус. Бразилецот, сепак, е многу подокажан и освоил повеќе трофеи со Реал Мадрид. Вини е во топ 3 на светот, но поради неговата возраст и талент, јас би го претпочитал Јамал“, коментираше Агуеро за „Мундо Депортиво“.

„Но, ако зависи од мене, ќе изберам да бидам централен напаѓач во една екипа, а со нив двајца по крилните позиции. Тогаш противникот ќе мора да се моли. Тоа е истото кога Меси и Нејмар беа заедно. Во Реал, Винисиус го има Мбапе покрај себе, кој, сепак, е повеќе „деветка“ и нема ист талент како Жуниор“, додаде поранешниот стрелец на Манчестер Сити.

Во есента 2021 година, Агуеро помина неколку месеци во Барселона, но поради проблеми со срцето беше принуден предвреме да ја прекине кариерата. Тој дури учествуваше во едно Ел Класико, во кое постигна гол – при поразот на Барса од 1-2 пред точно три години.

Сега тој ги сподели и очекувањата за судирот во Мадрид.


„Ќе биде убав натпревар. Не сакам да давам точна прогноза, но Барса е многу силна. Домашниот терен секогаш влијае на играта и ќе биде тешко, но фудбалерите на Барселона имаат повеќе шанси за победа. Во исто време, Реал не треба да поседува топка дури ни 20% од времето за да постигне гол. Зошто е така? Не знаеме, но историски, во последните 10 минути, Реал Мадрид прави работи кои другите не можат да ги направат. Некои велат дека тоа е среќа, но не е така. Кога толку пати победуваш со погодоци на крајот, тоа не е случајност, туку е нешто што другите не го имаат“, заклучи Серхио Агуеро.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови