Connect with us

Јувентус не може да си дозволи да му даде отказ на Алегри

Столчето на Масимилијано Алегри во Јувентус почнува да се тресе со се поголема сила по уште еден слаб натпревар кој гигантот од Торино го загуби дома со 1-2 од Бенфика во Лигата на шампионите. Така, тимот има само две победи во првите осум натпревари во сите натпреварувања од почетокот на сезоната.


Италијанските медиуми најавуваат смена на Алегри, но тоа нема да биде така лесно да се оствари од финансиски причини.


Алегри има договор со Јувентус до 2025 година со плата од 7,5 милиони евра по сезона. Ова значи дека „бјанконерите“ треба да му платат огромна отштета доколку решат да го отпуштат во овој момент. И тоа е сериозен проблем за клубот кој се очекува да објави загуба од 250 милиони евра за сезоната 2021-2022.


Нешто слично навести и извршниот директор на Јуве, Маурицио Аривабене. Тој се пошегува со еден навивач прашувајќи го дали е подготвен да ја плати отштетата за отказот на Алегри.


Така, барем во оваа фаза, 55-годишниот стратег ќе ја задржи функцијата со надеж дека резултатите на тимот ќе се подобрат во наредните недели. Засега Алегри се уште има доверба од раководството, уште повеќе што клубот е свесен дека ситуацијата е тешка поради многуте повредени играчи во тимот.


Од друга страна, пак, доколку кризата во Јувентус продолжи да се продлабочува, газдите може да бидат принудени да преземат екстремни мерки и да бараат нов ментор, без разлика на цената што треба да ја платат.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови