Connect with us

Златан со критики за Дешамп: Не разбирам зошто Канте не доби ниту минута на Мундијалот

Златан Ибрахимовиќ немаше многу пофални зборови за Франција по елиминацијата во полуфиналето на Светското првенство од Шпанија, а најголемата критика ја упати кон селекторот Дидие Дешамп поради една одлука поврзана со составот.

„Триколорите“ го завршија сонот за светската титула откако во полуфиналето загубија од Шпанија со 0-2. Иако Франција беше сметана за еден од главните фаворити за трофејот, „Црвената фурија“ одигра фантастичен натпревар и заслужено обезбеди место во големото финале.

Ибрахимовиќ по дуелот отворено го анализираше настапот на двете селекции.

„Луѓето често зборуваат за интензитетот, темпото и за тоа колку тимовите трчаат во текот на натпреварот. Но, фудбалот никогаш не се сведувал само на тоа колку некој трча. Ако постојано ја бркаш топката, тоа значи дека веќе си ја изгубил контролата врз играта. Шпанија не направи Франција да изгледа бавно, туку направи да изгледа како секогаш да е чекор зад неа“, изјави Швеѓанецот.

„Најмногу ме импресионираше смиреноста во играта на Шпанија. Не беа само головите, туку начинот на кој играа. Секое додавање имаше цел, секое движење создаваше проблем за противникот. Можеш да имаш најдобра физичка подготвеност, но ако цел натпревар ја бркаш топката наместо да ја контролираш играта, тогаш сè е завршено“.

„Затоа секогаш велам дека фудбалот прво се игра со мозокот, а потоа со нозете. Шпанија прикажа совршенство во контролата на натпреварот“, додаде Ибрахимовиќ.

Поранешниот шведски репрезентативец посебно го критикуваше Дешан поради тоа што Н’Голо Канте не доби шанса на турнирот.

„Кога Франција последен пат го освои Светското првенство, имаше двајца фудбалери кои доминираа во средниот ред – Пол Погба и Н’Голо Канте. Дешан и сега го имаше Канте во тимот, но воопшто не му даде можност да игра“.

„Ако повторно го погледнете натпреварот, ќе видите дека Родри, Фабијан Руиз и Дани Олмо целосно доминираа против Олисе, Коне и Рабио. Орелиен Чуамени речиси и не се забележуваше поради целосната контрола на Шпанците“.

„Сите знаеме каков играч е Канте. Тој немаше да му дозволи на Олмо да има толку простор како што имаше во овој натпревар. Главниот креатор на играта на Шпанија имаше премногу слобода и затоа ја испрати и прекрасната асистенција за вториот гол. Не ми е јасно зошто Канте воопшто не играше на овој турнир“, порача Ибрахимовиќ.

Тој се осврна и на нападот на Франција, предводен од Килијан Мбапе, кој пред полуфиналето изгледаше незапирливо.

„Кубарси, Лапорт и Кукуреља ја користеа тактиката на Ханси Флик со офсајд стапици во кои Мбапе постојано се наоѓаше. Тие знаеја како да го запрат нападот на Франција и тоа го направија одлично“.

„На крајот, ова е целосно заслужена победа на Шпанија, која како тим го запре сето она што Франција се обиде да го направи“, заклучи легендарниот напаѓач.

Шпанија во финалето ќе игра против победникот од второто полуфинале меѓу Англија и Аргентина.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови