Connect with us

Златан Ибрахимовиќ откри во која дисциплина би можел да освои златен медал на Зимските олимписки игри

Златан Ибрахимовиќ за време на својата богата кариера изгради репутација на физички феномен.

Играше за Манчестер Јунајтед, Милан, Интер и ПСЖ, доминираше каде и да се појавеше, а самодовербата никогаш не му недостасувала. Не изненадува затоа што легендарниот Швеѓанец верува дека без проблем би се снашол и во еден зимски олимписки спорт – и тоа на ниво на златен медал.

Во разговор за „ТНТ Спортс“, Ибрахимовиќ, во својот препознатлив стил, откри во која дисциплина на Зимските олимписки игри би можел да победи, ако имаше доволно време за тоа.

Денес, Ибрахимовиќ е советник во Милан и е во центарот на вниманието пред Зимските олимписки игри Милано-Кортина 2026, а токму во тој град имаше чест да го носи олимпискиот пламен. Во Италија, изгради голем дел од своето фудбалско наследство играјќи за двата милански клуба.

Познат по својата физичка сила, храброст и харизма, Златан не крие дека го привлекуваат спортови кои бараат брзина и ризик. Токму затоа без многу размислување издвои една дисциплина.

„Ако ми дадат време, би освоил злато во супер-џи“, рече Ибрахимовиќ. „Би бил добар затоа што сакам брзина, не се плашам од брзината. Сакам да се тркам, сакам да ризикувам, прилично сум силен и имам силни нозе. Но ми треба време, многу време. Супер-џи е дисциплина во која би сакал да се натпреварувам. Спортските натпреварувачи таму се неверојатни, но и јас сум неверојатен спортист.“

Супер-џи, односно супервелеслалом, комбинира екстремна брзина на спуст со технички предизвици на велеслаломот, што ја прави една од најтешките дисциплини во алпското скијање.

Иако е јасно дека Златан нема да застане на стартната линија, едно е сигурно – трките во супер-џи на Игрите во Милано и Кортина ќе ги следи со посебно внимание. Машкото финале е закажано за среда, а женското ден подоцна.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови