Connect with us

Жорге Жезус и официјално е нов селектор на Португалија

Фудбалската федерација на Португалија и официјално го назначи Жорге Жезус за нов селектор на националниот тим. Искусниот 71-годишен стратег го наследува Роберто Мартинез, кој ја напушти функцијата по елиминацијата на Португалија во осминафиналето на Светското првенство од Шпанија.

Жезус потпиша договор со важност до 2030 година, што значи дека ќе ја предводи репрезентацијата и на Светското првенство, кое Португалија ќе го организира заедно со Шпанија, Мароко, Уругвај, Аргентина и Парагвај.

Еден од најтрофејните португалски тренери во поновата историја најголемите успеси ги оствари со Бенфика, со која освои три шампионски титули. Последниот голем успех го забележа во Саудиска Арабија, каде што со Ал-Наср ја освои шампионската титула, предводејќи го тимот во кој настапува капитенот на Португалија, Кристијано Роналдо.

Набргу по официјалното именување, Жезус им се обрати на навивачите преку социјалните мрежи.

„Горд сум што сум Португалец и голема чест е да бидам селектор на мојата земја. Еден глас, едно срце. Португалија!“, напиша искусниот стратег.

Во својата богата кариера Жезус има освоено 24 трофеи во четири различни држави. Покрај Бенфика и Ал-Наср, ги предводеше и Спортинг Лисабон, Ал-Хилал, Фламенго и Фенербахче, а ова ќе биде негово прво искуство како селектор на една национална репрезентација.

Своето деби на клупата на Португалија ќе го има на 24 септември на стадионот „Жозе Алваладе“, каде што „морепловците“ ќе го пречекаат Велс во првото коло од новото издание на Лигата на нациите.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови