Connect with us

Тема за дилема: Кој има посилна моќ во фудбалот, навивачите или парите?

Ако нешто сфативме овие неколку разбранувачки денови, тоа е дека Суперлигата е само резултат на неспособноста на УЕФА да се справи со растечкиот број на проблеми во последните години. Живееме во ера кога на еден фудбалер во подем, почетната цена му е над 100 милиони евра а откупните клаузули достигнуваат астрономски суми од 500 милиони евра, па се до 1 милијарда. Свесни за ова, денешниот формат во Лигата на шампионите кој на победникот му гарантира награда од едвај 85 милиони евра од групната фаза до победа во финалето, не им значи веќе ништо на клубовите.

Суперлигата е концепт кој се спомeнува многупати во текот на 20. век, почнувајќи од Англичаните, Германците, па дури и до почетокот на ерата на Берлускони во Милан. Оваа идеја повторно ја “воскресна” Флорентино Перез во 2009 година, но и тогаш помина без многу внимание. Требаше да поминат девет години, за благодарение на скандалиозниот “Фудбал ликс”, да протече договорот за нејзино конечно создавање. За време на тој “молк”, клубовите тајно и без никакво знаење од страна на УЕФА, работеле на дел од она што ни го презентираа во неделата.

Интересно, во обврзувачкиот договор потпишан од 11 клубови во 2018, присутни се и Баерн Минхен и Пари Сен Жермен, а пак, Атлетико Мадрид, Борусија Дортмунд, Олимпик Марсеј, Интер и Рома се почесни гости на нејзиното прво издание кое уште тогаш е договорено да започне од сезоната 2021/22. Веднаш се поставува прашањето: ‘Што е тоа што толку се сменило оттогаш, што ги натерало некои од овие клубови, повторно тајно и без известување, да се откажат од учеството во новиот утописки концепт?’

Имено, само неколку месеци по усвојувањето на Европската Суперлига, со поддршка на германската фудбалска федерација, претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Хелаифи, беше избран за делегат во извршниот комитет на УЕФА. Оваа одлука предизвика лавина од реакции бидејќи во тој одреден момент, францускиот клуб беше под истрага за можно кршење на правилата за финансиски фер-плеј на УЕФА, а против Ал-Хелаифи беше покрената кривична постапка за наводен поткуп на претставниците на ФИФА со цел Катар да биде домаќин на Светското првенство во 2022 година.

Но, без разлика на ова, Ал-Хелаифи, сепак влезе во извршниот комитет на УЕФА, а како резултат на тоа, дискусиите околу казнувањето на клубот од Париз паднаа во вода, но и потенцијалното појавување на суд на моќниот Катарец. Исто така, да не заборавиме дека неговата земја ја “доби” честа да стане домаќин на СП 2022. Дали ја заслужи? Не, но ја доби благодарение на валканите заткулисни игри на моќниците како што е човекот позади Пари Сен Жермен. Сепак, дали е случајност што при назначувањето на позицијата во УЕФА, тој имал поддршка токму од потпретседателот на германската фудбалска федерација, Рајнер Кох, кој исто така, е член на извршниот комитет? Секако дека не. Дали е случајност и тоа што “баварците” и “парижаните”, заедно и сложно, сега одбиваат да учествуваат во Суперлигата, односно се откажаа од веќе договореното учество? Одговорот, верувам, веќе ви е познат.

Нераскинливата врска на германските клубови и УЕФА само повеќе се зацврсти оваа недела, откако извршниот директор на Баерн Минхен, Карл-Хајнц Румениге беше назначен за нов член на извршниот комитет на УЕФА, како замена за Андреа Ањели. Познато, претседателот на Јувентус си поднесе оставка од дотогашната функција за да ја презеде онаа на на еден од потпретседателите на новото натпреварување. Германците и Французите можеби се “спасија” од фијаското наречено Суперлига, но сега уште повеќе проблеми “испливаа” на површината, за кои УЕФА мора да изнајде решенија. Но, креирање на “нивна Суперлига”, односно реформираната Лига на шампиони дефинитивно не е решението. Точно е дека какви-такви реформи, конечно, стапија на сцена, иако се премногу задоцнети, но ретко кој би се сложил дека тоа се потребните реформи и дека не се само бледа копија на Европската Суперлига на Перез.

Заклучокот е дека ЕСЛ и УЕФА имаат исти визии за европскиот фудбал, на големите европски клубови не им одговара да губат вредни пари и ресурси со чија помош би можеле да се справат многу подобро во тешката финансиска ситуација, особено за време на КОВИД-19 пандемијата, и да не реагираат додека моќната УЕФА ужива земајќи голем дел од “колачот” на клубовите.

Пропаднатиот проект за Суперлигата остави многу нерешени прашања, и разоткри уште толку пропусти на најпознатото фудбалско управно тело и неговиот начин на работа. Во оваа фудбалска светска војна, нема победници. Единствено нешто може да го сметаме за победа, иако пирова, е таа на лицемерието и незаинтересираноста за вистинска промена пред оддржувањето на статус кво. Сите други се губитници, а најмногу обичните навивачи и љубители на овој спорт. Боли, затоа што по безброј пати извршните органи и клубови ни докажале дека во фудбалот веќе нема емоции, туку сѐ е бизнис. Но, ние, обичните фанови на кои срцето ни затреперува при самата помисла дека еден ден ќе отидеме на стадион и го следиме нашиот омилен клуб во живо, на кои расположението ни зависи од резултатот на некој одреден натпревар, кои “старееме” 20 години за време на адреналинско-неизвесните дуели… нас не ставија на последно место. “Фудбалот им припаѓа на навивачите”, но дали после сето ова, оваа реченица е точна, и дали некогаш воопшто била? За жал не, фудбалот никогаш не им припаѓал на навивачите, барем не овој модерен фудбал кој го гледаме и следиме денес.

Доколку навистина им припаѓаше на навивачите, размислете дали немаше да имаат свој збор во креирањето на Суперлигата, дали ќе се чувствуваа толку немоќно кога станува збор за оставки на сопствениците и шефотире на нивните омилени клубови после неуспехот на ЕСЛ, дали ќе немаа какво било право да покренат иницијативи за промена на статус квото на кое ЛШ е заглавена веќе со децении, дали немаше да имаат право на збор кога на нивен грб, се зголемуваат и онака преголемите мулти-милионски плати на фудбалерите. Да не заборавиме дека голем процент од европските навивачи немаше да бидат приморени да седат дома и да го следат Светското првенство во 2022 година, оддалечено од нив на повеќе од 4.000 км, на телевизија, наместо од стадион во некоја попристапна држава. Знаејќи на кој начин ФИФА му го додели ова првенство на Катар, ги носи баналноста и иронијата на сосема ново ниво. Сепак, на крај, светот навистина го вртат парите, а обичните навивачи се само минијатурни пиони во оваа битка за превласт.

Мартина Алчева

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови