Connect with us

Во Шпанија викендов нема да има фудбал поради трагичната смрт на фудбалерот Хесус де Мигел?

Шпанскиот фудбал би можел да запре претстојниот викенд по трагичната смрт на 30-годишниот Хесус де Мигел, напаѓач на Тенерифе, кој почина по судир со противничкиот голман за време на натпреварот против Андора. Ла Лига ја разгледува можноста за одложување на натпреварите од првата и втората лига, а конечната одлука се очекува во текот на среда или четврток.

Иницијативата за прекин на натпреварувањето ја покрена Здружението на шпански фудбалери (АФЕ), кое побара од Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ), Ла Лига и УЕФА да ги одложат сите натпревари во Шпанија во периодот од 3 до 9 ноември.

„Смртта на нашиот колега Хесус де Мигел е ненадоместлива загуба за целото фудбалско семејство. Сметаме дека постојат моменти кога фудбалот мора да застане“, порачаа од АФЕ.

Ла Лига веќе почна да го разгледува барањето, а за можните последици и пречки се дискутираше и во емисијата „Ел Ларгеро“ на радиостаницата „Кадена СЕР“.

Еден од главните проблеми се договорните обврски кон телевизиските куќи и спонзорите, потенцијалните финансиски казни, како и веќе згуснатиот натпреварувачки календар. Сепак, како една од опциите се споменува одложување на 12. коло во првата и 13. коло во втората шпанска лига.

Де Мигел почина во понеделникот по судирот со голманот на Андора, Хесус Овоно, во завршницата од натпреварот во втората шпанска лига.

Голманот во судиското продолжение истрча од својот гол и со колено го удри напаѓачот во градите. По ударот, Де Мигел доживеа срцев удар. Медицинскиот тим веднаш се обиде да го реанимира на теренот, по што беше пренесен во болница, каде што почина. Имаше само 30 години.

Натпреварот беше прекинат, а Овоно доби директен црвен картон по инцидентот. Шпанската федерација веќе ги одложи натпреварите од Купот кои требаше да се играат во вторникот, додека дуелите од европските натпреварувања во Шпанија започнаа со едноминутно молчење.

Сега се очекува конечната одлука за евентуално одложување на целото првенствено коло.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови