Connect with us

Влезот е бесплатен: Шкендија се надева дека со поддршката од фановите ќе го елиминира Браво

Фудбалерите на Шкендија вечерва (20 часот) го пречекуваат словенечкиот претставник Браво во реваншот од квалификациите за Конференциската лига, со надеж дека ќе ја надополнат негативата од еден гол (1-2) од првиот натпревар одигран во Љубљана и ќе обезбедат пласман во следната рунда.

Раководството на тетовскиот клуб направи потег кој наиде на големо одобрување кај навивачите – влезот на арената ќе биде бесплатен, со цел трибините да бидат исполнети и тимот да добие дополнителна поддршка во клучниот европски дуел.

Тренерот Атим Положани го поздрави потегот на управата и истакна дека врската меѓу Шкендија и нејзините навивачи е посебна.

„Ова дефинитивно е добар гест од нашата управа. Поврзаноста меѓу Шкендија и навивачите е огромна. Сакам да нагласам дека навивачи на Шкендија не се само „Балистите“, кои ни дадоа огромна поддршка и во Словенија, туку сакаме да привлечеме што поголем број наши приврзаници. Ги повикувам сите да дојдат на стадион и да ни помогнат да стигнеме до посакуваната победа“, изјави Положани.

Со слична порака се јави и фудбалерот на Шкендија, Дрилон Ислами, кој смета дека поддршката од трибините може да биде клучна за пласман во следната фаза.

„Ова е потег на нашата управа кој заслужува пофалби. Нè очекува европски натпревар против квалитетен противник. Ги поканувам сите фанови, нашите „Балисти“, но и сите останати навивачи да дојдат и да ни дадат поддршка. Се надевам дека на крајот заеднички ќе го прославиме пласманот во следната рунда“, порача Ислами.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови