Connect with us

Влатко Костов: Почнавме со шестмина играчи, а завршивме со пласман во Првата лига!

Брегалница и официјално се врати меѓу најдобрите, откако од вчера и математички го завери камбекот во Првата македонска фудбалска лига. Штипскиот состав ја заврши сезоната во ВМФЛ на лидерската позиција, оставајќи зад себе сериозна конкуренција во која беа Скопје, Шкендија Арачиново, Охрид, Беласица и Детонит.

Големи заслуги за успехот има тренерот Влатко Костов, кој успеа повторно да ја врати Брегалница таму каде што клубот традиционално припаѓа – во македонската елита.

По последното коло и прославата на историскиот успех, Костов преку социјалните мрежи испрати емотивна порака до навивачите и сите што беа дел од сезоната.
„БРЕГАЛНИЦА Е ПРВОЛИГАШ!

Кога дојдов во клубот во јули, 2025-та година, клубот беше оставен во состојба на неизвесност околу опстанокот и со вкупно 6 фудбалери на располагање (2 сениори и 4 млади фудбалери).

Сите останати клубови од ВМФЛ веќе беа во одмината фаза од подготовките за новата сезона.

Затекнат од жалната ситуација во клубот, кој постоеше можност и целосно да згасне, се нафатив на одговорноста и успеавме набрзина да мобилизаме 18-тина фудбалери со голема поддршка од Општина Штип и градоначалникот Иван Јорданов, со што во последен момент склопивме тим и успеавме со задоцнување од 20-тина дена да започнеме со подготовките.

На резултатски план, секој клуб има тешки моменти во текот на сезоната, истите секако на моменти ги имавме и ние, но се консолидиравмe, се вративме уште посилни и бевме најдобри кога беше најпотребно – во директните дуели со конкурентите за првото место.

Денес, гордо стојам пред вас, искрените поддржувачи на мојот омилен и матичен клуб, ФК Брегалница. Ви се заблагодарувам што бевте со нас во текот на целата сезона, и во добро, и во лошо. Особено ми е мило и чест што на стадионот се вратија навивачи кои долго време не ги следеа натпреварите на ФК Брегалница.

Најголема благодарност до моите херои – фудбалерите, мојот стручен штаб, и административниот персонал на клубот, на чело со претседателот на клубот.

Исклучителна благодарност од сите нас во клубот до навивачките групи „Фаланга“ и „Ултра Банда“, кои секогаш и секаде беа со нас, како и до Советот на Општина Штип и медиумите, а посебна благодарност и до градоначалникот Иван Јорданов, кој цела година со своето присуство ни беше ветер во грб. Ја користам оваа прилика, во мое лично име, да им се заблагодарам и на спонзорите кои ни помогнаа да го изодиме овој пат кон ПМФЛ.

Ова е вкупно шести обезбеден пласман на клуб од ВМФЛ во ПМФЛ во мојата речиси 30-годишна тренерска кариера (двапати со ФК Брегалница и по еднаш со ФК Осогово, ФК Куманово, ФК Турново и ФК Пелистер).

Значајно да се напомене е и дека ова е успех во кој беа вклучени и свој придонес дадоа 11 домашни/штипски фудбалери во составот.

Секако дека еден ден и јас ќе заминам од ФК Брегалница, но да знаете дека, кога тоа ќе се случи, позади себе ќе оставам клуб поставен на сериозни темели, клуб кој ќе биде гордост на градот.

Уште еднаш, ВИ БЛАГОДАРАМ и се гледаме во новата, но сега ПРВОЛИГАШКА сезона“

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови