Connect with us

Венгер се дистанцира од Инфантино: „За овој план дознав од медиумите, а неговото повлекување беше апсолутно неопходно“

Раководителот на Одделот за глобален фудбалски развој при ФИФА, Арсен Венгер, изјави дека повлекувањето на планот за привлекување приватни инвестиции во турнирите на организацијата било „апсолутно неопходно и без никаква дилема“.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, планираше да формира комерцијална подружница која ќе управува со најважните натпреварувања, вклучувајќи ги и Светските првенства, при што надворешни инвеститори ќе можеа да купуваат удели во таа компанија.

Инфантино им понудил по 40 милиони долари (околу 30 милиони фунти) на секоја од 211-те членки на ФИФА доколку го поддржат предлогот.

Сепак, по неколкудневните жестоки критики, како и заканата од сите 55 членки на УЕФА дека ќе ги бојкотираат натпреварувањата на ФИФА, Инфантино беше принуден целосно да се откаже од проектот.

Венгер е дел од ФИФА од 2019 година, каде што е задолжен за анализа на податоци, онлајн едукација и младински натпреварувања. Претходно, поранешниот менаџер на Арсенал беше еден од најгласните поддржувачи на идејата Светското првенство да се одржува на секои две години.

Една недела по објавувањето на инвестицискиот план, Французинот преку соопштение на ФИФА порача дека светската куќа на фудбалот мора да функционира со „транспарентност и интегритет“.

„Последните случувања во ФИФА заслужуваат дополнително појаснување од моја страна. Не учествував во овој стратешки план и за проектот првпат дознав преку медиумите. Одлуката да се повлече проектот беше апсолутно неопходна и без никаква дилема, затоа што цврсто верувам во независна ФИФА која му служи на фудбалот со посветеност, транспарентност и интегритет“, истакна Венгер.

Името на Венгер се најде меѓу 18-те функционери на ФИФА опфатени во писмото за зачувување документација што УЕФА го испрати до ФИФА, со кое најави можни правни постапки.

Карлос Кордеиро, висок советник на Инфантино за глобална стратегија и управување, е единствениот функционер на ФИФА кој поднесе оставка поради скандалот. Тој оцени дека предлогот бил „лош договор за фудбалот“ и дека би ја „ставил под хипотека иднината на фудбалот“.

На критиките им се приклучи и генералниот секретар на ФИФА, Матијас Графстром, кој во интерна порака до вработените напиша дека изминатата недела била „тешка за разбирање и прифаќање“.

Графстром, кој важи за близок соработник на Инфантино уште од неговиот избор за претседател во 2016 година, во 2024 година беше унапреден на една од најмоќните функции во ФИФА – генерален секретар.

„Ова беше тажна и осудувачка низа на настани, која за среќа заврши со конечното напуштање на проектот. Сите се најдовме во центарот на турбуленции што беше тешко да се разберат и прифатат. Ве повикувам да останете фокусирани на она што отсекогаш нè обединувало – да му служиме на фудбалот и на нашите 211 федерации-членки, во целосна согласност со статутот и правилниците на ФИФА. Ве уверувам дека администрацијата ќе биде заштитена од актуелниот политички контекст. Личности, нестабилни периоди и несреќни епизоди доаѓаат и си заминуваат, но институцијата, нејзината мисија и одговорноста кон светскиот фудбал остануваат. Затоа мораме да го зачуваме професионализмот, перспективата и присебноста“, порача Графстром.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови