Connect with us

Вардар го декласира Арсими и ја зголеми предноста на врвот

Вардар доминантно го стартуваше пролетниот дел од сезоната во ПМФЛ, совладувајќи го Арсими со високи 5-1 и дополнително зацврстувајќи се на лидерската позиција на табелата.

По победата на Шкендија над Струга, триумфот на „црвено-црните“ беше од особена важност, а со освоените три бода тимот на Гоце Седлоски сега има плус четири во однос на првите конкуренти. Прашањето околу победникот беше решено уште во првото полувреме, кога Вардар постигна четири погодоци и целосно го надигра противникот.

Натпреварот на комплексот на ФФМ мина во знакот на новите имиња во составот на Вардар. Веќе во шестата минута, зимското засилување Стефан Цветковиќ, кој пристигна како замена за Роџерс Мато, го отвори резултатот по одличната асистенција на Закариќ. Само дванаесет минути подоцна, Бобан Николов зголеми на 2-0 по добра комбинација и додавање со глава од Омерагиќ.

Во 35. минута по изведен корнер, со глава прецизен беше и повратникот Дарко Велковски, а непосредно пред одморот Немања Босанчиќ ја заокружи одличната прва половина со четвртиот гол за убедливи 4-0.

Вториот дел беше формалност. Вардар ја контролираше играта, а во листата на стрелци се впиша и Азер Омерагиќ, кој со удар со глава го постигна петтиот погодок. До крајот, Арсими стигна до почесен гол од пенал, откако голманот Талески направи грешка, а потоа и прекршок во шеснаесетникот. Сигурен реализатор беше Цуцули. Гостите мечот го завршија и со фудбалер помалку.

Во следното коло Вардар ќе се соочи со Работнички, додека Арсими ќе ја пречека Брера Струмица.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови