Миодраг Божовиќ е новиот тренер на Вардар. Ескпресно е потврдена веста дека искусниот црногорски стратег го презема кормилото на македонскиот шампион.
По лошиот старт на сезоната и заминувањето на Кристијан Фабијани, на клупата остана Матија Мирков, но раководството бараше искусен тренер кој ќе може да го извлече најдоброто од тимот.
Изборот падна на Миодраг Божовиќ кој ја презема палката во најтрофејниот македонски клуб.
Миодраг Божовиќ е едно од најпознатите тренерски имиња од фудбалскиот простор на поранешна Југославија. Црногорецот, роден на 22 јуни 1968 година во Мојковац, зад себе има богата играчка кариера, а подоцна изгради и впечатлива тренерска биографија, особено во Русија.
Како фудбалер Божовиќ настапуваше за повеќе клубови во Европа и Азија. Во неговата кариера се издвојуваат Будуќност Подгорица, Црвена звезда, Пелита, АПОП, РКЦ Валвијк, Ависпа Фукуока и Розендал. Копачките ги закачи на само 30 години и веднаш се насочи кон тренерската професија.
Првите чекори како тренер ги направи во ФК Београд, по што работеше и како помошник во јапонскиот Сапоро. Сепак, вистинската афирмација ја доживеа на клупата на Борац Чачак. Божовиќ во неколку наврати го предводеше српскиот клуб и успеа да го запише најдобриот пласман во неговата историја – шестото место во првенството.
Во сезоната 2006/07 се врати во родната Црна Гора и го презеде Будуќност, со кој стигна до вицешампионската позиција. Претходно работеше и во АЕП Пафос, Хајдук Белград и Обилиќ, но пресвртот во неговата кариера дојде во 2008 година, кога замина во Русија.
Токму таму Божовиќ го помина еден од најзначајните периоди во својата кариера. Во седум години работеше во Амкар Перм, ФК Москва, Динамо Москва, Ростов и Локомотив Москва. Со Ростов во 2014 година го освои Купот на Русија, додека со Амкар и ФК Москва оствари историски пласман и заврши на четвртото место во руската Премиер лига.
Во мај 2015 година следеше враќање на Балканот и преземање на Црвена звезда. Божовиќ веднаш остави силен печат. Во сезоната 2015/16 ја предводеше екипата до шампионската титула во Србија, а притоа запиша и неверојатна серија од 24 последователни победи.
Следната сезона Црвена звезда повторно беше во борбата за титулата, но три кола пред крајот го загуби првото место. Божовиќ потоа си поднесе оставка, оставајќи зад себе импресивен биланс – 62 победи, 11 нерешени и само 10 порази на 83 натпревари.
По епизодата во Белград, искусниот тренер повторно се врати во Русија, каде што ги водеше Арсенал Тула и Крилја Советов. Во понатамошниот дел од кариерата работеше и надвор од Русија, како тренер на Нефчи Баку од Азербејџан и иранскиот гигант Естеглал.
Божовиќ низ годините изгради репутација на тренер со големо искуство, особено на просторите на Источна Европа, а неговото име остана тесно поврзано со успешните периоди во Русија и со шампионската генерација на Црвена звезда.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Се најде јунак да ја победи Шкендија. По пет кола со максимален ефект, лидерот...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Н’фанли Сила (Тиквеш)
Шкендија делуваше непобедливо во првите пет кола, но потоа дојде дуелот со Тиквеш и...
Автор makfudbal
Втора лига
Мите Цикарски го засили Пелистер
Интернационалци
Ѓорѓи Мојсов е нов тренер на Земун
Прва лига
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА













