Connect with us

Вардар беше на чекор до сензација, Рига се спаси и потоа постигна пет гола (ВИДЕО)

Вардар беше на чекор до голем подвиг во Рига, но со играч помалку не успеа да ја издржи жестоката офанзива на летонскиот шампион. Македонскиот првак славеше со 1-2 по 90 минути и го анулираше поразот од Скопје, но во продолженијата капитулираше и загуби со 5-2, со што ги заврши настапите во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА.

„Црвено-црните“ долго време беа на прагот на сензација. И покрај тоа што речиси цел натпревар играа со фудбалер помалку, водеа со 0-2 и имаа резултат што ги носеше понатаму. Сепак, голот на Рига во самиот финиш го однесе дуелот во продолженија, каде што домашниот состав целосно ја искористи бројната предност и со три погодоци го реши победникот.

Кристијан Фабијани направи само една промена во стартниот состав во однос на првиот натпревар. Иан Пулејо доби шанса од првата минута наместо Бобан Николов, додека Дарко Велковски, иако се врати по повредата, остана меѓу резервите.

Вардар прв се закани преку Родригеш, чиј удар го одбрани Оролс, а Рига возврати со неколку опасни акции пред голот на Давор Талески. Македонскиот шампион, сепак, прв зададе удар. Во 17. минута Пулејо одлично нафрли од десната страна, а Давид Бабунски прецизно ја испрати топката во мрежата за 0-1.

Радоста кратко траеше. Само неколку минути подоцна Филип Најдовски заработи директен црвен картон по старт како последен играч во одбраната. Фабијани веднаш реагираше со внесување на Дарко Велковски, а до крајот на полувремето Вардар успешно се бранеше од постојаните налети на домаќинот, предводен од сигурниот Талески.

Во второто полувреме Рига продолжи да притиска, но Вардар повторно удри од контранапад. Родригеш се проби по левата страна, неговиот удар беше одбранет, но Азер Омерагиќ најдобро се снајде на одбиената топка и ја смести во мрежата за огромни 0-2.

Летонскиот првак не се предаде. Со серија офанзивни измени постојано ја напаѓаше одбраната на Вардар, а отпорот беше скршен во 87. минута, кога Таиво намали на 1-2 по асистенцијата на Реџиналдо. Тој погодок беше доволен натпреварот да замине во продолженија.

Во дополнителните 30 минути силите на Вардар полека се трошеа. Раки Ауани со многу среќа израмни на 2-2, а Јаго Сикера донесе целосен пресврт за Рига. Во меѓувреме, атмосферата дополнително се вжешти, па црвен картон доби и тренерот Кристијан Фабијани.

Во завршницата Вардар повеќе немаше сили за нов пресврт. Рига ја контролираше играта, а Фереира во 117. минута го постави конечниот резултат од 5-2, со кој летонскиот шампион обезбеди место во третото квалификациско коло од Конференциската лига, додека европската приказна на Вардар за ова лето заврши на болен начин.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови