Connect with us

Упс, многу силен бил за Вардар овој КуПС

Македонскиот првак Вардар доживеа пораз (0-2) од финскиот шампион КуПС во првиот меч од воведното квалификациско коло во Лигата на шампионите. Финците беа подобар ривал на денешниот дуел на Арената “Тодор Проески” и заслужено стигнаа до триумф, а со тоа значително си ја олеснаа и задачата за реваншот.

Вардар со новиот тренер Кристијан Фабијани е далеку од тим со јасна идеја, тркачки инфериорен во споредба со КуПС, неконкретен и со неповрзани линии во тимот.

Во 15.минута, Горан Закариќ упати силен удар од 20 метри, но гостинскиот голман Јоханес Крејдл успеа да одбрани.

Само четири минути подоцна, жестоко возврати КуПС. Нафрлување од десната страна, Густав Енгвал беше побрз од одбраната на Вардар, шутираше, но Давор Талески спаси сигурен гол.

Мечот влезе во израмнета борба се до пред крајот на првиот дел, кога КуПС стигна до водство.

По корнерот од десната страна, дефанзивецот на гостите Брахима Магаса со удар со глава од непосредна близина ја затресе мрежата на Давор Талески. КуПС поведе во 45.минута.

На стартот на второто полувреме нов шок за Вардар. КуПС во 49.минута зголеми на 0-2, а стрелец на голот беше Боб Армах.

Вардар не успеа да се врати во ритам, а тренерот Кристијан Фабијани направи и неколку чудни замени, обидувајќи се да промени нешто и во така чудната концепција. Во игра влегоа Родригез, Данев, Маневски и Босанчиќ, менувајќи ги тројцата Аргентинци кои беа стартери, заедно со Азер Омерагиќ.

По ова беше уште полошо, па КуПС имаше огромна шанса и за 0-3, но во последен момент спаси Давор Талески со одлична интервенција. Вардар можеше до почесен гол преку Бобан Николов, но беше за малку непрецизен.

Вардарци во последните дваесетина минути останаа со играч помалку, откако исклучем беше Немања Босанчиќ, кој во период пет минути доби два жолти картони.

Има и реванш во Финска, но Вардар сега има многу помали шанси да го елиминира финскиот првак.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови