УЕФА жестоко реагираше по повлекувањето на контроверзниот план на ФИФА за продажба на дел од комерцијалните права на Светското првенство на приватни инвеститори. Европската фудбалска централа порача дека одлуката на Џани Инфантино е добредојдена, но дека довербата во актуелното раководство на светската федерација е сериозно нарушена.
ФИФА претходно се откажа од проектот „FIFA Forward Enterprise“, преку кој беше планирано приватни инвеститори да добијат малцински удел во натпреварувањата под нејзина организација, вклучително и во Мундијалот. Идејата наиде на жестоко противење од европските федерации, клубови и голем број други фудбалски организации ширум светот.
„УЕФА ја поздравува одлуката на ФИФА да го повлече планот за продажба на удел во своите натпреварувања, вклучително и Светското првенство. Предлогот беше едногласно отфрлен од националните федерации членки на УЕФА, како и од бројни други конфедерации“, се наведува во соопштението.
Од Нион порачаа дека фудбалот не смее да биде предмет на тајни договори и одлуки кои се носат без доволна транспарентност.
„Не можеме повеќе да продолжиме со планови кои се обидуваат да се протуркаат во забрзана процедура, зад кои стојат анонимни поединци и чија корист за фудбалот е најмалку сомнителна. Мора да се утврди кој е одговорен и тие лица да одговараат“, порача УЕФА.
Европската централа најави дека во следниот период ќе спроведе детална анализа за тоа како дошло до целата ситуација, во соработка со своите членки и другите конфедерации, со цел да се спречи сличен случај во иднина.
„Актуелното раководство на ФИФА не ја загуби само довербата на УЕФА, туку и на голем број други членови на фудбалското семејство“, стои во реакцијата.
УЕФА дополнително го потсети Инфантино на ветувањата од 2016 година, кога при изборот за претседател на ФИФА говореше за транспарентност и порача дека средствата на светската федерација треба да служат за развој на фудбалот, а не за други цели.
Според УЕФА, тие ветувања не биле исполнети.
„Нетранспарентниот план кој беше подготвен и обидот да се спроведе зад сцената беа спротивни на принципите за кои се залагаше Инфантино“, се додава во соопштението.
Од УЕФА нагласија дека ФИФА располага со значителни финансиски резерви и дека тие средства треба да бидат насочени кон развој на фудбалот во сите 211 земји членки, преку постојните програми за помош.
„Ова е победа за целиот фудбал, но не смее да биде крајот на приказната. Предлогот е повлечен, но вистинската работа – враќањето на довербата во ФИФА – допрва започнува“, заклучува УЕФА.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Се најде јунак да ја победи Шкендија. По пет кола со максимален ефект, лидерот...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Н’фанли Сила (Тиквеш)
Шкендија делуваше непобедливо во првите пет кола, но потоа дојде дуелот со Тиквеш и...
Автор makfudbal
Втора лига
Мите Цикарски го засили Пелистер
Интернационалци
Ѓорѓи Мојсов е нов тренер на Земун
Прва лига
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА













