УЕФА и нејзините сојузници се наоѓаат во завршната фаза од изборот на заеднички кандидат кој би му се спротивставил на Џани Инфантино во претстојната трка за претседателската функција во ФИФА. Според информациите на „Гардијан“, се очекува името на противкандидатот да биде усогласено уште во текот на следната недела.
Крајниот рок за официјално поднесување на кандидатурите е 18 ноември, а времето за организирање опозиција против актуелниот претседател на светската фудбалска централа полека истекува. Сепак, во европските фудбалски кругови расте оптимизмот дека преговорите се движат кон успешен завршеток.
Разговорите со потенцијалните кандидати добиле на интензитет, иако претседателот на Азиската фудбалска конфедерација, шеикот Салман бин Ибрахим ал-Калифа, неочекувано ја промени позицијата и даде поддршка за четврти мандат на Инфантино.
Откако ќе биде постигнат конечен договор за името на кандидатот, тој ќе биде претставен пред Извршниот комитет на УЕФА, како и на онлајн-средба со претседателите на националните федерации. Планот е официјалното објавување да се одложи што е можно поблиску до истекот на рокот, со цел да се намали ризикот од евентуална компромитирачка кампања од страна на ФИФА.
Сепак, клучните состаноци би можеле да се одржат уште во следните седум дена.
Меѓу имињата кои се споменуваа како потенцијални кандидати беше и Арсен Венгер, кој ужива голем авторитет и се смета за можна обединувачка фигура. Сепак, поранешниот менаџер на Арсенал тешко дека ќе влезе во претседателската трка. Во моментов, како раководител за глобален развој на фудбалот во ФИФА, Венгер беше во Азербејџан на Светското првенство за фудбалери до 15 години, каде што го бранеше новиот турнирски проект на организацијата.
Секој кандидат ќе се соочи со сериозен предизвик за да ги обезбеди потребните 106 гласа за соборување на Инфантино. Иако Швајцарецот претрпе сериозен удар врз својот имиџ по скандалот поврзан со проектот „ФИФА Форвард Ентерпрајс“ (ФФЕ), неговиот противкандидат ќе мора да обезбеди широка поддршка од конфедерациите во Азија, Африка и КОНКАКАФ. Дури ни гласовите на европските федерации не се целосно загарантирани, особено поради тајниот начин на гласање.
Во одредени кругови се појавува и скептицизам околу можноста за директна изборна пресметка, па како алтернативна стратегија се разгледува масовен бојкот или воздржување од гласање на конгресот во Рабат. Таквиот потег би можел да го доведе Инфантино во сериозна изолација, имајќи ја предвид финансиската зависност на ФИФА од европскиот пазар.
Светската фудбалска централа во моментов се соочува и со административен застој. Како еден од примерите се наведува Светското клупско првенство во 2029 година, за кое сè уште нема одредено домаќин, ниту јасна организациска рамка.
Сепак, решеноста за директна пресметка со Инфантино во март останува голема. УЕФА веќе поднела барања до четири судови во САД за откривање документи поврзани со случајот ФФЕ, а подготвува и кривична пријава за финансиски злоупотреби во Швајцарија.
Од ФИФА ги оценија постапките на европската централа како „малтретирање“ и „дезинформации“, отфрлајќи ги сите обвинувања.
Судска одлука се очекува во следните недели, иако евентуалните жалби од страна на ФИФА би можеле да го забават процесот. Истовремено, светската организација има рок до понеделник да одговори на листата од 42 прашања што ѝ ги доставила УЕФА за нејзиното работење.
Меѓу прашањата се оние поврзани со ФФЕ, наградата за мир и повлечената суспензија на Фоларин Балогун. Според „Гардијан“, ФИФА сè уште нема доставено одговор, иако самиот Инфантино претходно изразил подготвеност за соработка.
Противниците на Инфантино со внимание ги следат и меѓуизборите во САД. Конгресменот од Демократската партија, Џејми Раскин, започна истрага за врските меѓу ФИФА, Инфантино и администрацијата на Доналд Трамп, барајќи доставување документи и организирање официјално сослушување. Евентуалната промена на мнозинството во Конгресот би можела да даде дополнителен поттик на истрагата.
Деновите до 18 ноември ќе бидат пресудни за УЕФА и нејзиниот претседател Александар Чеферин, кој отворено се позиционира против Инфантино. Изборот на силен противкандидат се претвори во прашање на углед за европскиот фудбал, особено откако УЕФА претходно се повлече од заканите за бојкот на Светското првенство за фудбалерки до 20 години.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Струга Трим Лум победи и на второто последовно дерби, славејќи против Шкендија Тетово со...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Христијан Малески (Струга ТЛ)
Големите фудбалери се познаваат на големите натпревари. Струга Трим Лум успеа да ја победи...
Автор makfudbal
Млади репрезентации
Репрезентацијата до 19 години освои бод во дуелот против Северна Ирска
Млади репрезентации
Хет-трик на Стефан Ристиќ, голема победа на Македонија У17 против Унгарија
Млади репрезентации
Репрезентацијата до 19 години освои бод во дуелот против Северна Ирска
Интернационалци
Ѓоко Хаџиевски ќе биде нов тренер на Локомотив Софија?













