Connect with us

УЕФА остро го нападна Инфантино: Фудбалот не е негова сопственост, па да може да го распродава

УЕФА остро реагираше на информациите дека ФИФА размислува да продаде дел од сопственоста на Светското првенство на приватни инвеститори. Иако тврдењата на „Тајмс“ сè уште не се официјално потврдени од светската куќа на фудбалот, европската централа испрати јасна порака дека таков потег е неприфатлив.

„Ова е линија што фудбалските институции никогаш не смеат да ја преминат. УЕФА ја сфаќа оваа можност крајно сериозно. Истото треба да го сторат и сите национални фудбалски федерации, како и лигите, клубовите, играчите, навивачите, владите и секој што се грижи за иднината на фудбалот“, се наведува во соопштението на УЕФА.

Од европската централа додаваат дека фудбалот не смее да стане предмет на трговија.

„Душата и управувањето со фудбалот не се средство за продажба, особено кога нема никаква транспарентност околу тоа кој ќе има финансиска корист. Никој од нас не е сопственик на фудбалот. Тој не е сопственост на ФИФА за да може да го продава“, порачуваат од УЕФА.

Според информациите, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, планира да им понуди удели поврзани со Светското првенство на заинтересирани инвеститори. Таквиот модел би можел да им овозможи на приватни компании или поединци да стекнат влијание врз организацијата на најголемиот фудбалски турнир, при што финансискиот интерес би бил во преден план.

Светското првенство речиси еден век е под капата на ФИФА, која функционира како непрофитна организација. Токму затоа можната промена на овој модел предизвика сериозна загриженост во фудбалските кругови.

„Гардијан“ објави дека идејата веќе била презентирана пред лица блиски до американскиот претседател Доналд Трамп. Во меѓувреме, Инфантино се подготвува за кандидатура за нов мандат на чело на ФИФА во 2027 година, а доколку биде реизбран, би останал на функцијата најмалку до 2031 година.

„Тајмс“ дополнително тврди дека по завршувањето на својот мандат, Инфантино би можел да застане на чело на компанијата што би стекнала комерцијален удел во Светското првенство, доколку контроверзниот план навистина биде реализиран.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови