Connect with us

УЕФА го одобри новиот формат на Лигата на нации, претстојат големи промени и во квалификациите за ЕП

Извршниот комитет на УЕФА го усвои изменетиот формат на Лигата на нации на состанокот во Солун, соопшти европската фудбалска централа. Главните промени ќе стапат во сила од сезоната 2028/29, но дел од нив ќе влијаат и на претстојното издание на натпреварувањето, кое започнува овој месец.

Главната новина е намалувањето од досегашните четири на три лиги. Во секоја од нив ќе има по 18 репрезентации, поделени во три групи со по шест селекции. Секој тим ќе одигра вкупно шест натпревари против пет различни противници.

Поради промената на бројот на лигите, ќе бидат изменети и правилата за испаѓање од Лига А и пласман во неа во сезоната 2026/27.

Само двете најслабо пласирани репрезентации од четирите групи во Лига А директно ќе испаднат во понизок ранг. Другите две четвртопласирани селекции, заедно со двете најслаби третопласирани репрезентации, ќе играат бараж против второпласираните од Лига Б за место во елитната дивизија во следното издание.

Во исто време, нема да има директно испаѓање од Лига Б. Последнопласираните репрезентации во четирите групи ќе играат бараж против второпласираните од Лига Ц.

Во меѓувреме, според очекувањата на европските медиуми, наскоро би можеле да бидат променети и квалификациите во зоната на УЕФА за европските и светските првенства. Намерата е новиот формат да стапи во сила по Европското првенство во 2028 година.

Досегашните квалификациски групи целосно ќе бидат укинати и ќе бидат заменети со само две лиги.

Во првата лига ќе има вкупно 36 репрезентации, кои ќе бидат одредени според пласманот во Лига А и Лига Б од Лигата на нации. Тие ќе бидат поделени во три групи со по 12 селекции.

Секоја репрезентација ќе одигра вкупно шест натпревари, при што ќе добие по два противници од секоја група.

Во втората лига ќе бидат преостанатите 18 или 19 репрезентации, поделени во три групи со по шест или седум селекции, а и тие ќе одиграат по шест натпревари.

За најдобрите репрезентации од првата лига ќе бидат обезбедени одреден број директни пласмани на европските и светските првенства, додека за преостанатите места ќе има баражи. Во нив ќе можат да учествуваат не само репрезентации од елитната дивизија, туку и селекции од втората лига.

Исто така, во европските квалификации ќе учествуваат и репрезентациите домаќини на завршните турнири. Нивниот мотив ќе биде да остварат што подобар пласман во Лигата на нации.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови