УЕФА, АФЦ и КОНКАКАФ заеднички испратија остро писмо во кое изразија сериозна загриженост за начинот на кој се носат одлуките во ФИФА и побараа поголема транспарентност и одговорност во раководењето со светскиот фудбал.
Во писмото, кое го потпишаа претседателите и генералните секретари на трите конфедерации, се нагласува дека фудбалот не му припаѓа на ниту еден поединец или институција, туку на целото фудбалско семејство – играчите, навивачите, клубовите, националните федерации и институциите кои се задолжени да ја штитат иднината на спортот.
„Растот на фудбалот во последната деценија е реален, но тој никогаш не бил дело на еден човек. Тоа е резултат на заедничката работа на ФИФА, конфедерациите, националните федерации и илјадниците луѓе кои го посветуваат животот на играта“, се наведува во писмото.
Трите конфедерации посочуваат дека проширувањето на натпреварувањата, доделувањето на Светските првенства во 2030 и 2034 година, како и распределбата на финансиските средства, биле заеднички донесени одлуки и дека не треба да се доведуваат во прашање.
Сепак, главната порака се однесува на интегритетот и начинот на управување со ФИФА.
„Лидерството во фудбалот не е сопственост. Не станува збор за поседување или барање моќ. Тоа е должност и служба кон фудбалското семејство кое ви ја доверило таа одговорност“, стои во писмото.
Особено остри критики се упатени кон неодамнешниот потег на ФИФА поврзан со предлогот за продажба на интерес во Светското првенство. Конфедерациите сметаат дека објаснувањето на ФИФА, според кое станувало збор за проблем во комуникацијата, не е доволно.
Според нив, станувало збор за сериозен пропуст во проценката и процес кој бил спроведен со ограничени консултации и во премногу кратки рокови, што не им овозможило на националните федерации темелно да ги разгледаат условите.
Дополнително, УЕФА, АФК и КОНКАКАФ бараат истрагата за целиот случај да ја спроведе целосно независно тело, а не самата ФИФА или нејзини службеници.
„ФИФА не треба да има никаква улога во спроведувањето на ревизијата“, се нагласува во документот.
Конфедерациите исто така посочуваат дека на состанокот на раководството во Мароко присуствувал само еден избран функционер, додека членовите на Советот на ФИФА и националните федерации не биле поканети.
Особена загриженост предизвикува и фактот што на неодамнешниот состанок во странство бил повикан само дел од менаџментот на ФИФА, наместо раководството да отпатува во Цирих и таму да ги решава проблемите со сопствената администрација.
Според потписниците, ваквото однесување дополнително го продлабочува впечатокот дека нема доволно транспарентност и одговорност.
„Таму каде што треба да има одговорност има молк, а таму каде што треба да има отвореност има дистанца. Тоа не се квалитетите што фудбалот ги заслужува од своето раководство“, се наведува во писмото.
На крајот, конфедерациите испратија јасна порака дека нивниот став не е насочен против фудбалот или против институциите, туку токму кон заштита на спортот и неговите принципи.
„Силата на фудбалот отсекогаш била во неговото единство. Сега повикуваме тоа единство да биде почитувано – за лидерство кое му служи на фудбалот, а не лидерство кое сака да командува со него.“
Писмото е потпишано од претседателите на АФЦ, КОНКАКАФ и УЕФА – Салман бин Ибрахим Ал Калифа, Виктор Монталијани и Александер Чеферин – како и од генералните секретари на трите конфедерации.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Се најде јунак да ја победи Шкендија. По пет кола со максимален ефект, лидерот...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Н’фанли Сила (Тиквеш)
Шкендија делуваше непобедливо во првите пет кола, но потоа дојде дуелот со Тиквеш и...
Автор makfudbal
Втора лига
Мите Цикарски го засили Пелистер
Интернационалци
Ѓорѓи Мојсов е нов тренер на Земун
Прва лига
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА













