Connect with us

Уапсен е Муамед Сејдини, се сомничи за проневера и злоупотреба на 700.000 евра

Поранешниот прв човек на Фудбалска федерација на Македонија, Муамед Сејдини, утрово е приведен во полициска акција спроведена од Министерство за внатрешни работи во соработка со Јавното обвинителство.

„Во рамките на предмет оформен во ОЈО Скопје, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција лишија од слобода едно лице поради дејствија кои упатуваат на сомненија  за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба. Се уште се преземаат дејствија по наредба на јавниот обвинитеел, а повеќе детали за натамошниот тек на постапката ќе бидат споделени по завршувањето на дејствијата кои се во тек“ – информираат од ЈОРСМ.


Според првичните сознанија, Сејдини се доведува во врска со финансиски малверзации во висина од околу 700.000 евра — средства кои УЕФА ги доделила за инфраструктурен проект во Охрид, конкретно за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“. Наводите за неправилности излегле на површина по промените во раководната структура на федерацијата, по што случајот бил проследен до надлежните органи.


Дополнително, поранешниот функционер неодамна се најде под дисциплинска санкција — двегодишна суспензија поради, како што беше наведено, измама и доведување во заблуда на Управниот одбор.


Од федерацијата претходно информираа дека, иако првично била прифатена понуда за изградба без обврска за авансно плаќање, подоцна бил склучен договор со изменети услови. Во него, спротивно на одлуката, бил вметнат аванс од 20%, кој бил исплатен без банкарска гаранција и без соодветно одобрение.


Надлежните институции засега не излегле со официјален став, додека истрагата за случајот продолжува.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови