Connect with us

Турците земаа залет за СП, ние добивме лекција за во иднина

Македонската фудбалска репрезентација претрпе убедлив пораз од Турција (4-0) на пријателскиот натпревар одигран на стадионот „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул. Домаќините уште од самиот почеток ја наметнаа својата игра и сосема заслужено стигнаа до висока победа, додека избраниците на Гоце Седлоски имаа тешка вечер против расположениот противник.

Турција отвори силно и уште во првите секунди Џан Узун ја затресе гредата. Само моменти подоцна следуваше и првиот погодок, кога по центаршут од десната страна Оркун Кокчу прецизно биеше од близина за водство од 1-0.

Македонија првата посериозна закана ја имаше преку Јани Атанасов во 15. минута, но неговиот удар заврши покрај голот. Веќе во следниот напад Турците ја зголемија предноста. Џан Узун шутираше од работ на шеснаесетникот и со одличен удар го совлада Столе Димитриевски за 2-0.

Домаќинот продолжи да доминира, создавајќи нови можности, а Македонија најдобрата шанса во првиот дел ја имаше непосредно пред паузата. По добра акција на Елмас и Миовски, топката стигна до Алиоски, но неговиот удар од непосредна близина беше одбранет од Алтај Бајиндир.

Ниту промените во второто полувреме не донесоа пресврт во играта. Турција остана опасна и во 53. минута стигна до трет гол. По нафрлувањето на Џан Узун, Дениз Гул најдобро се снајде во шеснаесетникот и со глава ја испрати топката во мрежата.

Во продолжението Арда Ѓулер создаде уште една голема можност, а конечните 4-0 беа поставени во 70. минута. По одлична тимска акција и асистенција од Кахвечи, Јилмаз рутински ја заврши работата и ја потврди убедливата победа на Турција.

До последниот свиреж темпото на игра опадна. Турците без проблем ја контролираа предноста, додека Македонија не успеа да најде начин да го загрози голот на противникот и да го ублажи поразот.

ТУРЦИЈА – МАКЕДОНИЈА 4-0 (2-0)


Стадион „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул. Судија: Хозе Луис Мунуера (Шпанија). Стрелци: Кокчу 2′, Узун 16′, Гул 53′, Јилмаз 70′ (Турција). Ж. картони. Фетаи (Македонија).


ТУРЦИЈА:
Бајиндир (62′ Сенгезер), Мулдур (88′ Чалханоглу), Кабак (46′ Акајдин), Сојунџу (62′ Демирал), Елмали (27′ Челик), Озџан (62′ Тикмаз), Кокчу (46′ Ајхан), Акгун (46′ Кахвечи), Узун (62′ Симсир), Ајдин (62′ Ѓулер), Гул (62′ Јилмаз).


МАКЕДОНИЈА: Димитриевски (66′ Талески), Деспотовски (46′ Муслиу), Зајков (46′ Серафимов), Велковски (46′ Чурлинов), Фетаи (46′ Манев), Алиоски (66′ Николов), Атанасов (46′ Емини), Елези (66′ Додев), Елмас (74′ Растодер), Миовски (46′ Ристовски), Омерагиќ (66′ Аломеровиќ).

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови