Connect with us

Тунис убедлив против Уганда на Роџерс Мато

Фудбалерите на Тунис успешно го започнаа настапот на Африканскиот куп на нации во Мароко, совладувајќи ја Уганда со 3-1 во првото коло од групата Ц.

Тунис, една од најсилните селекции во Африка и редовен учесник на Светските првенства, на претходните два континентални шампионати сензационално не успеа да ја помине групната фаза. Сега, тимот јасно покажа дека нема да препушта ништо на случајот и ги освои бодовите кои ги „мораше“ во оваа група, во која претходно Нигерија ја победи Танзанија со 2-1.

Во мечот во Рабат, Тунижаните доминираа од првиот момент. Водството го постигнаа веќе во 10. минута: по корнерот од десната страна што го изведе Ханибал Мејбри, Скири највисоко скокна во шеснаесетникот и со удар со глава, со помош на стативата, ја смести топката во мрежата за 1-0.

Предноста беше зголемена во 40. минута, кога Абди испрати прецизен центаршут од левата страна, а Елијас Ашури мајсторски ја прифати топката и со удар од 14 метри ја смести под пречката за 2-0.

Во 64. минута, Ашури постигна уште еден гол по брз контранапад: Абди се најде во одлична позиција, неговиот шут беше одбранет од голманот Магула, но Ашури најбрзо реагираше на одбиената топка и од пет метри ја затресе мрежата за 3-0, практично решавајќи го мечот.

Конечните 3-1 ги постави Денис Омеди во судиското продолжение, ублажувајќи го поразот на Уганда. Вардарецот Роџер Мато беше стартер во тимот на Уганда и играше до 85.минута.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови