Connect with us

Тухел: Бевме премногу пасивни откако поведовме, а против таков ривал тоа скапо се плаќа

Селекторот на Англија, Томас Тухел, не го криеше разочарувањето по поразот од Аргентина (1-2) во полуфиналето на Светското првенство во САД, Канада и Мексико. „Трите лава“ имаа водство од 1-0, но дозволија целосен пресврт, а германскиот стратег призна дека неговиот тим по постигнатиот гол станал премногу пасивен и не успеал навреме да го реши натпреварот.

„Разочарани сме. Бевме толку блиску, но по голот станавме премногу пасивни. Дозволивме премногу центаршутеви, шанси и удари кон нашиот гол. Бевме во добра позиција, но по водството не успеавме да го задржиме истото ниво на игра“, изјави Тухел.

Тој објасни дека одлучил да ја промени формацијата и да премине на систем со петмина дефанзивци во обид да ја стабилизира одбраната.

„Решивме да играме со петмина во последната линија бидејќи остававме премногу простор и сакавме да бидеме посилни во воздушните дуели. Но, уште пред да ги направиме измените, веќе им дозволувавме премногу центаршутеви. Се обидовме да им помогнеме на играчите, но одговорноста секогаш е кај тренерот“, истакна англискиот селектор.

Тухел призна дека Англија сакала да постигне и втор гол, но не успеала да ја задржи топката во своите нозе.

„Секако дека сакавме да го постигнеме вториот гол, но тоа не е можно ако не ја контролирате топката. Станавме премногу пасивни и не успевавме да воспоставиме контрола. Не мислам дека проблемот беше во формацијата. Натпреварот целосно се промени. Разбирам дека ќе има многу дебати и дека милиони луѓе мислат дека би донеле подобри одлуки, но јас сум тој што мора да ја преземе одговорноста.“

И покрај елиминацијата, Тухел не жали за своите одлуки.

„Во овој момент не жалам за ништо. Бевме многу блиску и сосема заслужено водевме со 1-0. До тој момент одигравме еден од нашите најдобри натпревари на турнирот, можеби и најдобриот“, рече тој.

На прашањето дали ова Светско првенство го покажало вистинското лице на Англија, Тухел одби да носи конечни оценки.

„Не можам да одговорам на тоа прашање, бидејќи не сум сигурен што точно подразбирате под тоа. Сега не е време да го анализираме целиот турнир“, изјави германскиот стратег.

Со поразот од Аргентина, Англија повторно остана без финале на Светско првенство, повторувајќи го сценариото од Мундијалот во 2018 година, кога во полуфиналето загуби од Хрватска по пресврт со идентични 1-2. Овојпат „трите лава“ ќе се борат за третото место против Франција.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови