Connect with us

Тренер во Холандија нокаутираше фудбалер и му изби седум заби

Натпреварот од Tретата холандска лига меѓу Ајселмерфогелс и ГВВВ беше прекинат минатата сабота по тежок инцидент на полувремето. Помошник-тренерот на гостинскиот тим, наводно, го нокаутирал домашниот фудбалер Квирмо Думај и му избил седум заби. Поради инцидентот интервенирала и полицијата, пренесуваат холандските медиуми.

До конфликтот дошло во ходникот на спортскиот парк „Де Вестмат“ во Спакенбург. Портпаролот на домашниот клуб Ајселмерфогелс изјавил дека нивниот фудбалер Квирмо Думај бил нападнат додека се движел кон соблекувалната. Според тврдењата на клубот, го удрил еден од тренерите на ГВВВ.

Думај од силината на ударот во лицето паднал во несвест, загубил неколку заби и обилно крварел. Од клубот потврдиле дека итно бил пренесен во болница, каде што бил опериран од максилофацијален хирург.

Думај летово преминал во Ајселмерфогелс токму од ГВВВ. На својот тренер Вилем Леушуис му кажал дека го удрил Џон ван Беукеринг, помошник-тренерот на гостите.

„Го удри како уличен борец“, изјави Леушуис за ТВ Утрехт.

Клубот Ајселмерфогелс уште истата вечер поднел кривична пријава. По инцидентот, нивниот тим не сакал да го продолжи натпреварот, па судијата го прекинал мечот. Во тој момент ГВВВ водел со 2-0.

Прозваниот помошник-тренер Џон ван Беукеринг ги отфрла обвинувањата. Во своето соопштение тој понудил поинаква верзија на настаните и тврдел дека играчите и членовите на стручниот штаб на ГВВВ први биле нападнати и туркани.

И покрај неговото негирање, клубот ГВВВ презел конкретни мерки. И Џон ван Беукеринг и неговиот брат Денис, кој беше главен тренер, добиле отказ.

Од клубот соопштиле дека ќе преземат дополнителни чекори откако ќе ги соберат сите информации за инцидентот.

Случајот веќе го истражува и полицијата, а кривични пријави поднеле двете страни.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови