Connect with us

Трамп застана во заштита на пријателот: „ФИФА прави огромна грешка ако дозволи Инфантино да биде сменет“

Џани Инфантино доби силна поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп, кој застана во негова одбрана само неколку часа по отвореното писмо од УЕФА, КОНКАКАФ и Азиската фудбалска конфедерација, во кое Швајцарецот беше жестоко нападнат поради тоа што ја нарушил довербата „преку измама“. Во писмото се наведува дека предлогот на претседателот на ФИФА да продава делови од турнирите на федерацијата на приватни инвеститори го довел во прашање „интегритетот на играта и интегритетот на оние кои се избрани да управуваат со неа“.


Засега овој документ претставува кулминација на незадоволството кон Инфантино и решеноста на европската централа да направи сè што е можно Швајцарецот да биде отстранет од функцијата уште пред истекот на неговиот мандат и пред следните избори за претседател на ФИФА, кои треба да се одржат во пролетта 2027 година.

Трамп, кој подолго време демонстрира пријателски односи со Инфантино, беше причина за првиот бран жестоки критики кон шефот на ФИФА, кој се крена летово. Повод беше поништувањето на црвениот картон на Фоларин Балогун за време на Светското првенство, што беше исклучително сомнителен потег, а американскиот претседател самиот се пофали дека лобирал за тоа.

На 31 јули Трамп за првпат го коментираше контроверзниот план на Инфантино, при што изјави дека Швајцарецот не разговарал со него за идејата. Врска меѓу двајцата се појавуваше и во повлечениот проект, бидејќи се очекуваше „Thrive Eternal“ да ја раководи заедничката компанија „FIFA Forward Enterprise“, која беше во основата на планот на Инфантино. Thrive е американска компанија за ризичен капитал, основана од Џошуа Кушнер, брат на зетот на Трамп, Џаред.

Ноќеска Трамп преку својата социјална мрежа категорично го поддржа Инфантино, кој во декември 2025 година му ја додели првата награда за мир на ФИФА.

„ФИФА би направила ужасна грешка ако, од која било причина, дури и размислува за замена на претседателот Џани Инфантино. Тој е фантастичен, откако штотуку го предводеше најуспешното Светско првенство што некогаш било одржано. Ако тој си замине, никогаш повеќе нема да биде толку успешно или профитабилно! Ви благодарам за вниманието посветено на ова прашање“, напиша Трамп.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови