Хорхе Меси, таткото на Лионел Меси, починал синоќа во 22 часот во болница во Росарио, објави „Инфобаe“. Имал 68 години и подолго време се борел со здравствени проблеми.
Сопруг на Селија Кучитини и татко на Лионел, Родриго, Матијас и Марија Сол, Хорхе беше еден од најважните луѓе во животот и кариерата на аргентинската фудбалска легенда.
Тој беше столбот на семејството, но и човекот кој го водеше Лионел низ најтешките моменти од неговиот фудбалски пат. Хорхе ја презеде одговорноста за сите обврски на својот син надвор од теренот и беше негов најголем поддржувач уште од најмладите денови.
Токму тој се бореше да му обезбеди неопходно хормонско лекување на Лео додека тој беше тинејџер во Њуелс Олд Бојс. Кога во Аргентина не успеа да најде решение, Хорхе продолжи да бара можности и на крајот заедно со својот син замина во Европа.
Тој остана со Лионел во Барселона во периодот кога започна нивната голема европска авантура, додека неговата сопруга Селија се грижеше за остатокот од семејството во Росарио.
Murió Jorge Messi, el papá de Lionel Messi https://t.co/Tw5tmm1Sic pic.twitter.com/auLgYJStsx
— infobae (@infobae) August 8, 2026
Хорхе Меси отсекогаш беше присутен во животот на својот син, но никогаш не сакаше да биде во центарот на вниманието.
Ретко даваше интервјуа и низ годините зборуваше за Лионел само во неколку наврати. Неговото име се појавуваше и во неколку книги посветени на животот и кариерата на неговиот син.
На социјалните мрежи, пак, повремено ги споделуваше успесите на Лионел, но подеднакво уживаше во моментите поминати со своите деца, внуци и поширокото семејство.
Хорхе често беше присутен на големите натпревари и светските првенства заедно со семејството Меси. Затоа, неговото отсуство од фотографиите на семејството за време на Светското првенство во САД привлече внимание, иако Антонела Рокуцо беше присутна со нивните деца, Тијаго, Матео и Чиро.
На Светското првенство во 2026 година, Меси не ги криеше емоциите откако постигна гол на првиот натпревар на Аргентина.
По хет-трикот, 39-годишниот фудбалер беше прашан за причината за неговата емотивна реакција.
„Причината е целосно надвор од спортот. Поминав низ неколку тешки и комплицирани денови. Благодарен сум на целата делегација, како и секогаш, што е покрај мене“, изјави тогаш Меси.
Хорхе Меси по професија бил хемиски техничар и во 1980-тите започнал да работи во фабриката „Асиндар“. Според биографијата за Меси од Гиљем Балаге, подоцна напредувал до менаџерска позиција.
Во младоста и самиот сонувал за фудбалска кариера и настапувал како играч за врска во младинските категории на Њуелс. Сепак, поради воената служба морал да се откаже од фудбалот.
Подоцна своето внимание целосно го посветил на синот.
Хорхе бил редовно присутен покрај терените во Малвинас, младинската школа на Њуелс, каде што Лионел почнал да го привлекува вниманието со својот огромен талент.
Кога на Меси му било потребно хормонско лекување, неговиот татко се обидел да најде начин Њуелс да ги покрие трошоците. Откако не добил позитивен одговор, Лионел заминал на проба во Ривер Плата.
Кога и таа опција пропаднала, Хорхе успеал да договори преселба во Барселона. Тоа било исклучително редок потег за тоа време – европски клуб да доведе 13-годишен фудбалер од друга земја и истовремено да му обезбеди медицински третман, плата, сместување и работа за неговото семејство.
Почетокот во Барселона не бил лесен. Меси тешко се адаптирал на новата средина, а семејството имало проблеми со животот во Европа.
Во еден момент, Лионел сакал да се откаже и да се врати во Аргентина. Но Хорхе останал покрај него.
Во интервју од 2007 година, Меси се присетил на тие тешки денови:
„Татко ми секогаш беше до мене. Поминавме низ многу лоши работи. Понекогаш се затворав во собата и плачев сам, а тој го правеше истото без јас да го видам. Се преправавме дека сме добро, но не бевме.
Татко ми ме праша што сакам да правам, дали сакам да продолжам или да се вратиме. Јас сакав да продолжам и тој остана со мене.“
Во истото интервју, Хорхе му упатил порака на својот син, кој тогаш штотуку почнувал да се пробива кон светскиот врв:
„Многу добро знаеш дека поминавме низ многу добри, но и не толку добри моменти.
Од тие не толку добри моменти секогаш излегуваме посилни. Тоа ни помага да бидеме поиздржливи во животот, а тебе ти помага да бидеш тоа што си. Затоа што верувам дека пред да бидеш добар фудбалер, ти си одличен човек.“
Хорхе не беше само татко и советник на Лионел, туку и човекот кој стоеше зад голем дел од неговите деловни активности.
Како што растеше брендот „Меси“, Хорхе ја презеде и улогата на негов претставник во преговорите со најголемите компании во светот.
Но, пред сè, тој остана таткото кој никогаш не се откажа од својот син и кој беше покрај него во најважните и најтешките моменти од неговиот живот.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Се најде јунак да ја победи Шкендија. По пет кола со максимален ефект, лидерот...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Н’фанли Сила (Тиквеш)
Шкендија делуваше непобедливо во првите пет кола, но потоа дојде дуелот со Тиквеш и...
Автор makfudbal
Втора лига
Мите Цикарски го засили Пелистер
Интернационалци
Ѓорѓи Мојсов е нов тренер на Земун
Прва лига
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА













