Connect with us

Тиквеш со десетмина освои бод, а можеби заслужи и повеќе, против анемичниот Вардар

Тиквеш покажа карактер и голема борбеност, па со играч помалку повеќе од еден час успеа да остане непоразен против актуелниот шампион Вардар. Кавадарчани одиграа 1-1 со „црвено-црните“ во последниот натпревар од петтото коло во Првата македонска фудбалска лига, а според прикажаното на теренот дури можат да жалат што не стигнаа и до цел плен.

Домаќинот уште од почетокот покажа дека нема да му дозволи на Вардар лесно да го контролира натпреварот. Во седмата минута Гуџуфи одлично нафрли од левата страна, но Н’фанли Сила од непосредна близина не успеа прецизно да реагира со глава. Само две минути подоцна, Гуџуфи повторно се закани, овојпат со удар од околу 20 метри, но неговиот обид беше блокиран.

Притисокот на Тиквеш вроди со плод во 21. минута. По нафрлувањето од слободен удар, Ибрахима Фал највисоко скокна во шеснаесетникот и со прецизен удар со глава го совлада голманот на Вардар за 1-0.

Но, радоста на кавадарчани траеше кратко. Само четири минути подоцна останаа со десетмина. Лавал во еден дуел со Филип Најдовски го удри противникот со лакот, а по прегледот на ситуацијата од страна на ВАР, судијата Грујоски му покажа директен црвен картон.

Вардар ја искористи бројната предност пред паузата. Во 40. минута Давид Бабунски испрати одличен центаршут од левата страна, а капитенот Азер Омерагиќ со удар со глава ја затресе мрежата за 1-1.

Само две минути подоцна, гостите имаа можност целосно да го свртат резултатот. Бабунски шутираше силно од дистанца, Стевковски одбрани, а на одбиената топка налета Омерагиќ, но неговиот удар заврши во блок.

Иако Вардар во вториот дел имаше играч повеќе, очекуваниот притисок изостана. Напротив, Тиквеш беше опасниот тим и создаде неколку одлични можности.

Во 53. минута домаќините повторно беа блиску до гол по несигурната реакција на Цветковски, но Диковски успеа да интервенира во воздушниот дуел со Сила. Четири минути подоцна следуваше уште поголема опасност – Бесар Гуџуфи се ослободи за удар од околу 14 метри и ја погоди гредата.

Кавадарчани не се откажаа ниту во завршницата. Во 84. минута Фал се најде во добра позиција, но Пулеио со последен напор успеа да го блокира неговиот удар.

Вардар во финишот конечно создаде неколку посериозни ситуации. Лусианињо во 88. минута испрати силен удар, но Стевковски беше на висината на задачата. Голманот на Тиквеш претходно интервенираше успешно и по обидот на Попзлатанов.

До крајот немаше промена на резултатот. Тиквеш со голема пожртвуваност го сочува бодот и покрај тоа што повеќе од еден час играше со десет фудбалери, додека Вардар мора да биде задоволен со ремито во Кавадарци.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови