Connect with us

Тиквеш го освои Ѓорче Петров, Лусианињо донесе триумф

Тиквеш ја запиша втората пролетна победа, откако минимално славеше на гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров со 0-1 во последниот меч од 19. коло од Првата лига. Со овие три бода кавадарчани се искачија на седмата позиција и направија значаен исчекор над опасната зона, нанесувајќи директен удар на еден од ривалите во борбата за опстанок.

Во првото полувреме Тиквеш беше значително поконкретен противник од „лавовите“, но не успеа да ја материјализира иницијативата. Голманот Ристо Јанков имаше блескава партија – во 7. минута одбрани по обидот на Стојанов, во 30. минута интервенираше против Ацковски, а сигурен беше и по ударот на Вареловски.

Хендикеп за гостите беше повредата на капитенот Даниел Мојсов, кој мораше предвреме да го напушти теренот. Во 26. минута имаше и спорен момент кога Софијаноски стартуваше остро врз Тодоров, но мина само со жолт картон.

На стартот од второто полувреме мрежата на Јанков се затресе по ударот на Сила од работ на шеснаесетникот, но по подолга проверка погодокот беше поништен поради недозволена позиција.

Тиквеш продолжи посигурно и поорганизирано, создавајќи притисок пред голот на домаќинот. Клучниот момент дојде во 78. минута. Камара нафрли во шеснаесетникот, Тодоров атрактивно одложи со петица, Сила упати силен удар кој Јанков го одбрани, но одбиената топка стигна до Лусианињо, кој од непосредна близина ја смести во празната мрежа за конечни 0-1.

Во завршницата „лавовите“ немаа сили за реакција. Тиквеш ја задржа контролата и заслужено ги освои бодовите.

Со победата, тимот од Кавадарци стигна до 24 бодa на седмата позиција, додека Македонија Ѓорче Петров останува на 19 бодa и се наоѓа на десеттото место.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови