Connect with us

Тевез: Сер Алекс ме излажа, потоа го купи и Бербатов, и затоа направив трансфер во Манчестер Сити

Карлос Тевез откри дека зад неговиот контроверзен трансфер од Манчестер Јунајтед во градскиот ривал Манчестер Сити во 2009 година стоела желбата за одмазда кон Сер Алекс Фергусон. Аргентинецот во разговор со поранешниот соиграч Рио Фердинанд објасни дека се почувствувал предаден откако не биле исполнети ветувањата за неговиот постојан трансфер на „Олд Трафорд“.

Тевез откри дека уште на почетокот од двегодишната позајмица имал уверување од Фергусон дека ќе остане во клубот доколку продолжи со добрите настапи. Сепак, ситуацијата се променила по доаѓањето на Димитар Бербатов во Манчестер Јунајтед.

„Ферги лично ми рече: „Карлос, ќе те купам и ќе останеш во Манчестер“. Добро се сеќавам на тој разговор пред почетокот на подготовките. Ми кажа дека ќе го купи Бербатов, но дека не треба да се грижам, бидејќи ќе ме откупи и мене и ќе ми понуди нов договор“, раскажа Аргентинецот.

Според Тевез, менаџерот на „црвените ѓаволи“ имал околу шест месеци да го реализира договорот, но наместо тоа, неговата улога во тимот постепено се намалувала.

„Луѓето не разбираат што се случуваше зад кулисите и што си кажавме со Ферги. Имаше околу половина година да го исполни ветувањето, но тоа не се случи. Напротив, почна да ме остава на клупата. Почнав да мислам дека намерно ме изолира за да ја намали мојата цена. Тоа најмногу ме повреди“, објасни Тевез.

Аргентинскиот напаѓач нагласи дека најтешко му паднало чувството дека клубот не му возвратил со иста посветеност, и покрај успесите што ги оствариле заедно.

„Беше исклучително тешко за мене, Рио, бидејќи го дадов целото свое срце за Јунајтед, а не ја добив истата посветеност. Ја освоивме Лигата на шампионите, ја освоивме и титулата. Потоа доведоа друг фудбалер за да ја намалат мојата вредност“, истакна Тевез.

Тој додаде дека во првите месеци продолжил да се вложува максимално, но со текот на времето го изгубил мотивот да продолжи на истиот начин.

Тевез имаше значајна улога во успесите на Манчестер Јунајтед, но во 2009 година реши да го облече дресот на Манчестер Сити, потег што предизвика големо внимание во англискиот фудбал.

„Имав прекрасен период во Јунајтед, но трансферот во Сити беше одмазда. Не го добив назад она што му го дадов на клубот“, заклучи аргентинскиот напаѓач.

Неговото преминување кај градскиот ривал стана еден од најпознатите трансфери во историјата на манчестерското дерби, а признанието на Тевез дополнително ја осветлува личната позадина на одлуката што ја донесе пред повеќе од 17 години.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови