Connect with us

Тамба со два гола ја урна вардаровата „тврдина“, Шкендија славеше во дербито

Шкендија ја одбележа првата голема пресметка со Вардар сезонава со заслужена победа од 0-2 на Националната Арена „Тодор Проески“. Тетовскиот тим одигра зрело и дисциплинирано, а мечот го реши во второто полувреме благодарение на Фабрис Тамба.

Вардар подобро го започна натпреварот и прв се закани. Во 12. минута Кастањеда шутираше од далечина, но не беше прецизен, додека една минута подоцна Пулеио имаше уште подобра можност, но неговиот удар од 12 метри заврши надвор од рамките на голот.

Во 16. минута Герсон Родригез се обиде со глава, но топката заврши директно во рацете на Ферат Рамани.

Шкендија постепено го презеде ритамот, а до паузата имаше неколку обиди да го загрози голот на домаќинот. Бесарт Ибраими во 18. минута шутираше од околу 18 метри, но Давор Талески беше сигурен. Во самиот финиш од првиот дел, Бобан Николов се обиде од слободен удар, но топката отиде покрај голот.

По паузата, Шкендија тргна поагресивно и брзо дојде до неколку опасни ситуации. Во 49. минута Криезиу шутираше од 14 метри, но вардаровата одбрана во последен момент го блокираше ударот. Следуваше и обидот на Трумчи од десната страна, но без конкретен ефект.

Само три минути подоцна стигна наградата за гостите.

Фабрис Тамба, кој влезе во игра на почетокот на второто полувреме, одлично ја искористи асистенцијата од Нзенгуе и со прецизен удар го совлада Талески за 0-1.

Вардар можеше веднаш да израмни. Во 54. минута Пиреш се проби по левата страна и шутираше од тешка позиција, но Рамани одлично интервенираше.

Како што одминуваше натпреварот, Шкендија стануваше сè посигурна, а Вардар тешко наоѓаше начин да го загрози голот на гостите.

Во 73. минута Криезиу ја пропушти најголемата можност за втор гол. По одличното проигрување од Красниќи, излезе сам пред Талески, но наместо да шутира, се обиде да го помине голманот и ја загуби топката.

Сепак, Тамба не ја пропушти следната можност.

Во 77. минута Вардар направи грешка со поставувањето на офсајд-замката, Тамба избега сам пред Талески и со прекрасен лоб удар ја погоди мрежата за 0-2.

До крајот Вардар не успеа да се врати во игра, па Шкендија заслужено ги освои трите бода од првото дерби сезонава.

Натпреварот, сепак, не заврши со последниот судиски свиреж. По мечот дојде до физичка пресметка меѓу поголем број фудбалери и членови на двата тима, со што дербито доби неславен епилог.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови