Судискиот одбор има разбирање дека во овој дел од полусезоната натпреварите од МФЛ добиваат дополнителна тежина, бидејќи токму во овој период се прави разликата и првенството добива појасна слика за тоа кои екипи се аспиранти за повисок пласман, а кои се борат за обезбедување опстанок. Сепак, одговорноста за резултатите не треба и не смее да се бара во судиите.
Напротив, неопходно е чесно и објективно да се анализираат сопствените фудбалски перформанси, играта и постигнатите резултати. Судиските одлуки и евентуалните судиски аспекти од натпреварите остануваат предмет на анализа исклучиво на стручните судиски органи.
Во таа насока, Судискиот одбор и досега работел транспарентно и доследно, јавно посочувајќи ги сите утврдени судиски грешки во анализите и соопштенијата. Тоа се правело принципиелно и во случаи кога немало јавни реакции или медиумски соопштенија од клубови.
По извршената детална анализа на судењето на натпреварот помеѓу екипите на ФК Тетекс и ФК Брегалница од Втора МФЛ и разгледување на сите спорни ситуации посочени во јавноста, како и по увид во целокупниот видео материјал, Судискиот одбор го утврди следното:
Во 10. минута, станува збор за прекршок во напад, кога гостинскиот напаѓач го задржува противничкиот одбранбен играч кој се наоѓа пред него, користејќи една рака врз противникот со што стекнува недозволена предност. Главниот судија се наоѓа во непосредна близина на настанот, има јасна прегледност и добар агол на проценка, по што правилно го препознава прекршокот и соодветно ја прекинува играта.
Во акција странично кон казнетиот простор во 68. минута, капитенот на гостинската екипа и домашниот одбранбен играч со број 99 се во борба за топка, со меѓусебно држење. Откако гостинскиот играч ја губи контролата и поседот над топката, паѓа на теренот и бара прекршок. Главниот судија, а особено и асистентот судија кои се во непосредна близина на настанот, правилно проценуваат дека станува збор за дозволен контакт меѓу двајцата играчи, предизвикан од обострано држење, по што оправдано дозволуваат играта да продолжи.
Во 85. минута, станува збор за ситуација во однос на тоа дали постои прекршок или не за казнен удар за гостинската екипа, односно дали контактот меѓу одбранбениот играч и напаѓачот е доволен за досудување казнен удар. Видно од видео материјалот и само од еден агол кој не дава јасен и очигледен доказ за прекршок, одбранбениот играч има намера да го блокира шутот и нападот на гостинскиот напаѓач, при што остварува контакт најпрво со топката, а потоа по инерција на движењето и со противничкиот играч. Гостинскиот напаѓач како реакција неприродно скока во место над одбранбениот играч, оставајќи впечаток дека го зголемува импактот од контактот. Главниот судија има добар агол и прегледност и правилно проценува дека контактот е дозволен и е резултат на намерата да се игра топката, а не да се собори противникот.
Во сите посочени ситуации за потенцијални недосудени прекршоци, особено во казнените простори и околу казнениот простор во зона на шут, главниот судија применува доследно дадени инструкции до сите судии, односно да се санкционираат само јасни и очигледни прекршоци, притоа со изедначен критериум при проценката на контактите меѓу играчите, а не и лесни, фудбалски и дозволени контакти.
Истовремено, Судискиот одбор забележува на главниот судија дека надополнетото изгубено време во второто полувреме не е соодветно надополнето. Врз основа на извршената анализа, не може да стане збор за било какво влијание врз конечниот исход од натпреварот заради судиски одлуки.
Во насока на целосна транспарентност и отворена комуникација, претставниците на Судискиот одбор го покануваат тренерот на ФК Брегалница Штип, заедно со свои клупски претставници, за заедничка анализа на натпреварот во ВАР центарот на Фудбалска федерација на Македонија.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија го доби дербито со Вардар и се врати комплетно во трката за шампионската...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Лиридон Љатифи (Шкендија)
Шкендија дојде во Скопје и стави крај на неподеливоста на Вардар. Целиот тим на...
Автор makfudbal
Евро-фудбал
Манчестер Јунајтед сака да го купи Елиф Елмас!
Интернационалци
Елиф Елмас доби место во тимот на колото во Серија А













