Connect with us

Струга ТЛ го декласира Башкими во Куманово

Струга Трим Лум сигурно и убедливо ги освои трите бода на гостувањето во Куманово, совладувајќи го Башкими со 0-4 во рамките на Првата македонска фудбалска лига. Тимот предводен од Бледи Шкемби ја оправда фаворитската улога, особено откако домаќините поголемиот дел од натпреварот го одиграа со играч помалку.

Натпреварот започна со поагресивен пристап на Башкими, кој создаде неколку изгледни шанси преку Алими, Ор и Аворнио, но не успеа да го отвори резултатот. Дополнително, погодокот на Ор беше поништен поради офсајд. Пресвртот се случи во 37. минута, кога Хасан заработи директен црвен картон поради остар старт над Малески, оставајќи го својот тим во тешка позиција.

Стружани постепено ја преземаа контролата, а во 41. минута Малески пропушти добра можност, откако голманот Јашар излезе како победник во ситуација „еден на еден“. Сепак, притисокот беше ефектуиран во судиското надополнување од првото полувреме, кога Воша упати прецизен центаршут до Компаоре, кој со глава ја затресе мрежата за водство на гостите.

Во вториот дел темпото опадна, но Струга ја задржа контролата и во самиот финиш ја запечати победата. Во интервал од пет минути паднаа уште три гола – Компаоре го постигна својот втор погодок со помош на пречката, Малески беше прецизен по одбиена топка од слободен удар, а конечните 0-4 ги постави репрезентативецот Бојан Илиевски.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови