Струга Трим Лум продолжува со одличните резултати во новата сезона, откако на домашен терен минимално со 1-0 го совлада Силекс и му го нанесе третиот последователен пораз во ПМФЛ. Стружани ја искористија предноста на домашниот терен и со четвртата победа сезонава се искачија на второто место на табелата.
Првите 45 минути не понудија особена фудбалска возбуда. Двете екипи влегоа внимателно во дуелот, со малку ризик и без поголем број сериозни прилики пред противничките голови.
Струга прва се закани преку Радески, кој се обиде со удар од далечина, но не беше прецизен. На спротивната страна, Силекс можеше да дојде до водство преку Анѓелески. По изведен корнер, тој шутираше од тешка позиција, но топката заврши во надворешниот дел од мрежата.
По паузата домаќините заиграа поофанзивно и притисокот брзо даде резултат. Во 59. минута, по остар центаршут во шеснаесетникот, одбраната на Силекс не реагираше најдобро, а Ласана се најде на вистинското место и од непосредна близина ја затресе мрежата за 1-0.
Васоски веднаш реагираше со тројна замена, обидувајќи се да го промени текот на натпреварот, но Силекс не успеа да воспостави посериозна иницијатива. Струга Трим Лум искусно го контролираше натпреварот и не му дозволи на противникот од Кратово да создаде вистинска закана пред голот на Василев.
Сепак, гостите во самиот финиш беа на чекор до израмнување. Ѓерасов шутираше од полулево, но неговиот удар заврши во пречката, по што остана 1-0 за домаќините.
Така, трите бода заслужено останаа во Струга, која со 13 бодови се врати на второто место и сега има два бода помалку од лидерот Шкендија. Силекс, пак, со седум освоени бодови останува на петтата позиција.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија Тетово не успеа да слави на дуелот со Шкендија Арачиново (1-1), а тоа...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Горан Закариќ (Вардар)
Најдобрите знаат да блеснат кога е најтешко и да го поведат тимот напред. Не...
Автор makfudbal













