Србија доживеа уште еден пораз во Лигата на нации, откако загуби со 2-0 од Германија во Минхен, во натпревар во кој конечниот резултат можеше да биде и далеку понеповолен за гостите.
Селекторот Вељко Пауновиќ по мечот призна дека неговиот тим не може да биде задоволен од резултатот, но посочи дека Србија се наоѓа во процес кој бара време и трпение.
„Тежок натпревар, токму како што очекувавме. Игравме против силен противник кој настапи со свежи сили. Не сме задоволни, иако момците дадоа сè од себе во однос на трудот и одговорноста. Тешко е во Лигата на нации да продолжиме со градењето на тимот кога резултатите не се добри, но мора да поминеме низ овие пречки. Започнавме процес кој ќе биде тежок, долг и болен“, изјави Пауновиќ.
На прашањето дали Србија се движи во вистински правец, селекторот зборуваше за долгорочна работа, враќање на искусните репрезентативци и постепено воведување млади фудбалери.
„Сакаме да ги вратиме играчите во репрезентацијата, да приклучиме млади фудбалери, да создадеме цврста база и да гледаме долгорочно. На оние кои немаат трпение не можам да им го подарам. Некои работи во фудбалот не можат да се прескокнат. Ако резултатот ни биде единствен параметар и ако одиме од натпревар до натпревар, постојано во еден рингишпил на емоции, нема да стигнеме никаде“, смета тој.
Пауновиќ посочи дека Србија мора да го промени начинот на кој гледа на сопствениот фудбалски развој.
„Ние сме Србија, мала земја, и потребно ни е време за да воспоставиме систем. Не можам да го забрзам тој процес. Мора да сфатиме дека ако продолжиме да гледаме само од нашата перспектива, нема да стигнеме далеку. Нашата перспектива е тесна. Во изминатата година научив дека мора да ги промениме вредностите и критериумите. Фудбалот не е само тренинг или она што ќе го каже селекторот. Фудбалот е и состојба на нашиот менталитет“, додаде Пауновиќ.
Тој откри дека се работи и на промена на атмосферата околу националниот тим.
„Секојдневно работиме да го поправиме негативниот амбиент. Ги вративме лидерите, се обидуваме да создадеме игра и модел, но за тоа е потребно време. Во ова натпреварување сме со репрезентации кои се пред нас. Сфативме дека сè уште не сме таму каде што можеби еден ден ќе стигнеме, но за тоа е потребна огромна работа.“
Српскиот селектор призна дека резултатската криза не е пријатна, но верува дека тимот може да се врати.
„Минувајќи низ лош период, гледам само да го завршиме уште овој натпревар, а потоа во следните да им се реваншираме на Германците и да им го направиме на Грците она што тие ни го направија нам. Јас сум човек кој секогаш верува во следната шанса и во можноста да се направи нешто подобро. Во два натпревари можеме подобро да ги распоредиме силите“, заклучи Пауновиќ.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија Тетово не успеа да слави на дуелот со Шкендија Арачиново (1-1), а тоа...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Горан Закариќ (Вардар)
Најдобрите знаат да блеснат кога е најтешко и да го поведат тимот напред. Не...
Автор makfudbal













