Connect with us

Спалети: Сите во Јувентус веруваме дека можеме да се пласираме во ЛШ и следната сезона

Лучијано Спалети смета дека има причини да биде и задоволен и незадоволен од ремито 3-3 против Рома. По натпреварот тој особено нагласи дека верува во пласман на Јувентус во Лигата на шампионите.

Во рок од неколку дена „старата дама“ покажа огромна волја – откако во средината на минатата недела го однесе во продолженија плејоф-реваншот против Галатасарај, и покрај поразот од 2-5 на првиот меч, сега „бјанконерите“ освоија бод на „Олимпико“, иако само петнаесет минути пред крајот губеа со 3-1.

„Ако зборуваме за реакцијата, тогаш да – задоволен сум. Но ако ја погледнеме првата половина од сезоната, тогаш не сум премногу среќен. Треба да направиме објективна анализа. Отпаднавме од Лигата на шампионите на таков начин, откако одигравме 120 минути и свртевме ситуација што изгледаше како планина за искачување. Сепак, бевме премногу бавни кај вториот и третиот примен гол. Играчите поверуваа и се бореа, но сами се доведовме во таа позиција“, изјави Спалети по последниот судиски свиреж.

Вреди да се напомене дека двата гола што го донесоа пресвртот беа дело на резервисти, а слободниот удар во финишот го изведе уште една измена – Едон Жегрова. Запрашан дали измените ги правел со намера да донесат пресврт, искусниот стратег одговори:

„Кога ќе наполниш 66 години како мене, ќе сфатиш дека секогаш мора да веруваш – и токму тоа треба да им го пренесеш на играчите. Постојат моменти на ентузијазам што произлегуваат од блесоци на класа. Жереми Бога има интуиција и може да создаде шанси од ништо, истото важи и за Кенан Јилдиз и Жегрова. Мора секогаш да имаме вера – и во спортот и во животот.“

Иако последните резултати не се идеални, Спалети смета дека покажаниот карактер и решителност ќе ја зацврстат самодовербата на тимот.

„Во последните пет натпревари, во три игравме со десетмина, а тоа дополнително исцрпува. Можеш да се обидеш да ги најдеш вистинските зборови за да им ја засилиш вербата, но и навивачите ни помогнаа. Кога тие се зад нас, дресот тежи малку помалку на рамениците“, додаде тој.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови