Connect with us

Славко Винчиќ ќе го суди финалето на СП меѓу Шпанија и Аргентина

ФИФА официјално потврди дека словенечкиот арбитар Славко Винчиќ ќе ја дели правдата на големото финале на Светското првенство 2026 меѓу Шпанија и Аргентина, кое ќе се одигра в недела (19 јули) во Њујорк.

Светската куќа на фудбалот објави и емотивно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како 46-годишниот Винчиќ не успева да ги сокрие солзите кога дознава дека ја добил довербата да го суди најважниот натпревар во светскиот фудбал.

Винчиќ веќе неколку години е меѓу најценетите европски судии, но неговата кариера во 2020 година накратко беше засенета од голем скандал. Тој беше уапсен во вила во близина на Бијелина, заедно со уште 35 лица, во рамките на полициска акција насочена кон организирана криминална група поврзана со трговија со дрога и оружје. При акцијата беа запленети огнено оружје, пакети со кокаин, мобилни телефони, лаптопи и околу 20.000 конвертибилни марки. Словенечкиот судија тогаш тврдеше дека случајно се нашол на тоа место, откако прифатил покана за ручек, и категорично негираше каква било поврзаност со нелегалните активности.

На финалето, помошници на Винчиќ ќе му бидат неговите сонародници Томаж Кланчник и Андраж Ковачиќ. За четврти судија е назначен Адхам Махадмех од Јордан, додека негов помошник ќе биде Мохамад Ал-Халаф, исто така од Јордан.

На Мундијалот 2026, Винчиќ досега судеше на три натпревари – Мексико против Еквадор, Јордан против Алжир и Бразил против Мароко.

Во својата богата кариера, словенечкиот арбитар веќе има судено две европски финалиња. Во 2024 година го водеше финалето на Лигата на шампионите меѓу Борусија Дортмунд и Реал Мадрид, кое „кралевите“ го добија со 2-0, а две години претходно беше главен судија на финалето во Лигата на Европа меѓу Ајнтрахт Франкфурт и Ренџерс, во кое германскиот тим триумфираше по изведувањето пенали.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови