Connect with us

Скопје и Силекс не постигнаа погодок, поделија по еден бод

Фудбалерите на Силекс не успеаја да стигнат до три бода на гостувањето во Автокоманда, каде што одиграа без голови против Скопје (0-0) во 12. коло од ПМФЛ. Кратовци имаа теренска иницијатива, но не ја искористија предноста во квалитетот, па мораа да се задоволат со реми против последнопласираниот тим на табелата.

За разлика од првата меѓусебна пресметка сезонава, кога Силекс славеше убедливо со 3-0, овојпат одбраната на „пиратите“ успеа да ги неутрализира нападите на фаворитот.

Почетокот на натпреварот беше одложен за околу 30 минути поради отсуството на амбулантно возило. По стартот, гостите ја презедоа контролата и први се заканија преку Манојлов, чиј удар од коса позиција во седмата минута го одбрани Кристијан Наумовски.

Силекс продолжи да притиска, а во 22. минута Шеро беше блиску до погодок, но Трајчевски навреме реагираше и го спречи неговиот обид. До истекот на првото полувреме можност имаше и Ангелче Тимовски, но Наумовски повторно ја сочува својата мрежа.

Кратовчани и по паузата имаа поголем посед на топката и се обидуваа да го скршат отпорот на домаќинот. Сепак, најдобрата можност во продолжението не ја реализираше Хасукиќ, па резултатот не се промени.

Скопје со освоениот бод ја продолжи борбата за прва првенствена победа и по 12 кола има само четири бода. Во следното коло гостува кај Тиквеш, додека Силекс ќе има сериозен испит на домашен терен против Вардар.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови