Connect with us

Скандалозна организација при збогувањето на Меси: Фудбалерите на Бенин не смееле да имаат никакви контакти со Аргентинците, освен на теренот

Фудбалската федерација на Бенин изрази незадоволство од начинот на кој била третирана нивната репрезентација за време на пријателскиот натпревар против Аргентина на „Монументал“ во Буенос Аирес.

Натпреварот беше замислен како голем спектакл и своевиден проштален настап за Лионел Меси во дресот на светскиот шампион, но зад сцената, според тврдењата што ги објави истражувачкиот новинар Ромен Молина, ситуацијата била далеку од идеална за гостите.

Молина на социјалната мрежа „Икс“ откри низа ограничувања со кои, наводно, се соочила делегацијата на Бенин. По завршувањето на натпреварот, фудбалерите предводени од Гернот Рор биле целосно изолирани и не им било дозволено да остварат контакт со аргентинските репрезентативци.

На играчите на Бенин, според овие информации, им било забрането да разменуваат дресови со аргентинските ѕвезди, да се фотографираат со нив, па дури и да влезат во ходникот што води кон соблекувалната на домаќинот.

„Почитта од Аргентинската федерација и играчите кон Бенин? Нема бонуси, ниту цент од приходите, нема размена на дресови, ниту една фотографија и целосна забрана за влез во аргентинскиот ходник. Сè е направено за бизнис, на грбот на луѓе со кои се однесуваат како да се обичен декор“, напиша Молина.

Незадоволството по натпреварот е само продолжение на проблемите со кои, според информациите, се соочувала делегацијата на Бенин уште пред дуелот. Наводно имало сериозни забелешки и за организацијата, патувањето и условите за сместување во Буенос Аирес.

И покрај тоа што „Монументал“ беше исполнет до последното место, а натпреварот привлече големо внимание и значителни приходи, Бенин, според објавените информации, не добил финансиски надомест ниту процент од приходите остварени од спектаклот.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови