Connect with us

Сити може и со десетмина против Јунајтед: Халанд го замолкна „Олд Трафорд“ (ВИДЕО)

Манчестер Сити го доби големото градско дерби и славеше со 0-1 на „Олд Трафорд“ против Манчестер Јунајтед, во натпревар во кој „граѓаните“ речиси еден час играа со фудбалер помалку.

Клучниот момент се случи во 23. минута, кога Фил Фоден заработи директен црвен картон по дуелот со Бруно Фернандеш. Англичанецот со двете нозе удри во Португалецот, а судијата Мајкл Оливер немаше дилема и веднаш му покажа црвен картон.

Јунајтед ја презеде иницијативата, но домашниот тим не успеваше да создаде сериозна опасност пред голот на Џанлуиџи Донарума.

Најблиску до погодок беше Маркус Рашфорд во 45. минута, кога од слободен удар од околу 25 метри ја погоди стативата.

И на стартот од вториот дел Јунајтед продолжи да притиска. Во 52. минута Коби Мајну се обиде со удар од далечина, но повторно рамката од голот беше сојузник на Донарума. Топката по ударот се одби директно во рацете на италијанскиот голман.

А потоа следеше шок за „црвените ѓаволи“.

Во 60. минута Јошко Гвардиол испрати одличен центаршут од левата страна. Топката помина покрај Лисандро Мартинез и Ибрахима Ендаје, а на втората статива се најде Ерлинг Халанд.

Норвежанецот одлично реагираше и со удар под гредата го совлада голманот на Јунајтед за 0-1.

Домашните бараа офсајд, но по проверката од ВАР-собата, Мајкл Оливер покажа кон центарот и погодокот беше признат.

По примениот гол, Јунајтед продолжи со посед и иницијатива, но нападите на домаќинот беа без вистинска завршница. Сити дисциплинирано се бранеше и го чекаше својот момент за контранапад.

Најголемата шанса за израмнување дојде дури во судиското продолжение. Бруно Фернандеш со фантастично додавање го проигра Брајан Mбеумо, кој се најде очи в очи со Донарума.

Сепак, италијанскиот голман израсна во вистински херој на „граѓаните“. Со маестрална интервенција го запре ударот на Ембемо и ја сочува мрежата, обезбедувајќи му на Сити огромна победа.

Јунајтед имаше повеќе удари и дури две погодени стативи, но не успеа да го искористи фактот што Сити играше со десетмина цели 67 минути.

Со овој триумф, Манчестер Сити останува на врвот на табелата заедно со Арсенал, со по 12 бодови, додека Манчестер Јунајтед останува на осум бодови зад лидерите.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови