Connect with us

Силекс го освои Купот на Македонија (ВИДЕО)

Силекс по четврти пат во својата историја го освои Куп на Македонија, откако во големото финале на арената „Тодор Проески“ ја совлада Шкендија со 1-0.

Со овој триумф, кратовци се израмнија со Работнички по бројот на освоени куп-трофеи и сега го делат третото место на вечната листа на најуспешни екипи во натпреварувањето.

Силекс подобро го отвори натпреварот и уште во третата минута се закани преку Пиреш, чиј удар заврши во рацете на голманот Гаје. Потоа следуваше период со многу тактизирање и малку вистински шанси.

Првата поголема можност за Шкендија дојде во 25. минута, кога Нзенгуе шутираше со глава, но Џеков одлично интервенираше. Во финишот на првото полувреме Красниќи пропушти одлична можност, не успевајќи добро да реагира по една опасна топка во шеснаесетникот.

Почетокот на финалето беше одбележан и со непријатна атмосфера на трибините, откако за време на интонирањето на македонската химна дел од публиката реагираше со свирежи.

Вториот дел донесе многу поотворена игра, со шанси на двете страни. Во 64. минута Шкендија беше блиску до водство, но Џеков со фантастична интервенција го запре ударот на Красниќи.

Клучниот момент се случи во 71. минута. По грешка на средината од теренот на Шкендија, Додев повлече контранапад и одлично го проигра Алиќ, кој од непосредна близина ја затресе мрежата за големо славје на кратовци.

До крајот, Шкендија се обидуваше да се врати резултатски, но цврстата и борбена игра на тимот на Васоски не дозволи промена на резултатот.

Со победата, Силекс обезбеди и настап во квалификациите за Конференциска лига, со што клубот ќе има европско лето.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови