Connect with us

Силекс драматично елиминиран по изведување пенали, Динамо Минск продолжува понатаму

Силекс ја заврши својата европска авантура во првото квалификациско коло од Конференциската лига, откако по изведувањето пенали беше елиминиран од белорускиот Динамо Минск. Гостите победија со 0-1 во регуларниот дел, со што го израмнија вкупниот резултат на 1-1, а по продолженијата без голови, победникот беше решен од белата точка. Белорускиот состав славеше со 6-5 во пенал-рулетот и обезбеди место во следната рунда, каде ќе се соочи со Нефчи од Азербејџан.

Натпреварот започна без поголеми возбудувања, а Динамо Минск до предност стигна во 16. минута. По центаршутот на Малашевиќ од левата страна, Варданјан тргна кон топката, но не успеа да ја зафати, а таа незгодно отскокна пред голманот Љупче Џеков и заврши во мрежата за 0-1.

Белорускиот тим беше поопасен во продолжението на првото полувреме, а Варданјан уште еднаш се закани, но не успеа да ја зголеми предноста. На спротивната страна, Силекс најдобрата шанса ја имаше непосредно пред паузата, кога Ефтимов по центаршут на Пановски шутираше со глава, но не беше доволно прецизен.

Во второто полувреме тренерите направија неколку измени во обид да ја променат сликата на теренот. Најголемата можност за кратовци ја имаше Велиновски, кој само една минута по влегувањето во игра доби одлична топка од Богдановски, но неговиот удар од непосредна близина одлично го одбрани голманот Шимакович.

Во завршницата ниту една од екипите не ризикуваше премногу, па резултатот остана непроменет и натпреварот замина во продолженија. Во дополнителните 30 минути немаше вистински прилики, па патникот во следната фаза мораше да биде решен по изведувањето пенали.

Серијата беше максимално неизвесна, а сите изведувачи беа прецизни до шестата серија. Тогаш Ангелче Тимовски ја погоди гредата, а Владислав Калинин остана мирен и го реализираше решавачкиот пенал за победа на Динамо Минск, кој со триумф од 6-5 на пенали се пласираше во второто квалификациско коло. За Силекс, пак, европската приказна завршува уште на првата пречка, иако беше многу блиску до пласман понатаму.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови