Connect with us

Швеѓаните убедливи против Тунис, Холандија не успеа да победи против Јапонија (ВИДЕО)

Шведска имаше импресивен старт на Мундијалот, декласирајќи го Тунис со убедливи 5-1. Малкумина очекуваа толку доминантно издание на Швеѓаните против селекција која традиционално знае да биде незгоден противник на големите натпреварувања.

Ајари го отвори резултатот уште во седмата минута, а Исак во 30. минута ја удвои предноста. Тунижаните успеаја да се вратат во игра пред паузата преку Рекик, кој намали на 2-1 и внесе неизвесност во продолжението.

Сепак, во второто полувреме Шведска повторно ја презеде целосната контрола. Ѓокереш во 60. минута зголеми на 3-1, а Сванберг во 84. минута практично ги разреши сите дилеми околу победникот. Конечниот резултат го постави Ајари со својот втор погодок на натпреварот во шестата минута од судиското продолжение за убедливи 5-1.

Брегот на Слоновата Коска и Еквадор понуди многу помалку возбудувања пред головите. Кога изгледаше дека дуелот ќе заврши без победник, Дијало се појави како херој на африканската селекција и во 90. минута го постигна единствениот гол на мечот за голема победа од 1-0 и освоени три бода на стартот од турнирот.

Холандија и Јапонија одиграа возбудлив натпревар во групата Ф на Светското првенство, кој заврши без победник, 2-2, по две сосема различни полувремиња.

Првите 45 минути не понудија многу возбудувања. Двете репрезентации играа внимателно, речиси без конкретни шанси пред противничките голови, па мрежите останаа недопрени до паузата.

Но, веднаш по стартот на второто полувреме натпреварот доби сосема поинаков тек. Во 51. минута Холанѓаните ја отворија серијата голови, откако Гравенберх одлично го пронајде Ван Дајк, а искусниот дефанзивец рутински ја испрати топката во мрежата за 1-0.

Радоста на „лалињата“ не траеше долго. Само шест минути подоцна Накамура се избори за простор за удар и со прецизен шут го совлада холандскиот голман за израмнување на 1-1.

За разлика од мирното прво полувреме, продолжението донесе отворен фудбал и нови возбудувања. Гравенберх уште еднаш се најде во улога на асистент, а Самервил во 68. минута ја врати предноста на Холандија, погодувајќи за 2-1.

Сепак, Јапонците не се предадоа и до самиот крај притискаа во потрага по израмнување. Нивната упорност беше наградена во 89. минута кога Камада најдобро се снајде по еден центаршут и со удар со глава го постави конечниот резултат, 2-2.

Со поделба на бодовите, двете селекции го отворија настапот на Мундијалот, оставајќи ја групата Ф целосно отворена уште по првото коло.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови