Заврши долгото исчекување – вечерва започнува Светското првенство 2026. Честа да го отвори најголемиот фудбалски спектакл ја имаат ко-домаќинот Мексико и селекцијата на Јужна Африка, кои од 21 часот ќе се соочат на легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити.
Овој натпревар ќе биде првиот од вкупно 104 средби на шампионатот, кој за првпат ќе се игра во проширен формат со 48 репрезентации. Мексико веќе испиша историја како прва земја што по третпат е домаќин на Светско првенство, откако претходно самостојно ги организираше мундијалите во 1970 и 1986 година. Овојпат организацијата ја дели со САД и Канада.
Предводени од искусниот Хавиер Агире, Мексиканците влегуваат со големи амбиции и желба да го избришат разочарувањето од Катар 2022, кога за првпат по 44 години не успеаја да ја минат групната фаза. Иако минатата година формата на „Ел Три“ беше променлива, во пресрет на турнирот тимот покажа значително подобрување, забележувајќи победи над Гана, Австралија и Србија, вклучувајќи го и убедливиот триумф од 5:1 против Србите.
Дополнителен мотив за домаќинот е и одличната традиција на отворањата на светските првенства. Мексико нема пораз на првиот натпревар на Мундијал уште од 1994 година, а вечерва ќе има поддршка од повеќе од 80.000 навивачи на преполната „Ацтека“.
Од другата страна ќе стои Јужна Африка, која се враќа на светската сцена по пауза од 16 години. „Бафана Бафана“ обезбедија место на турнирот по драматични квалификации и сега ќе се обидат да приредат изненадување во групата. Селекцијата предводена од белгискиот стратег Хуго Брос не блескаше во контролните натпревари пред Мундијалот, но верува дека може да биде незгоден ривал за фаворизираните Мексиканци.
Во составот на домаќините посебно внимание ќе привлече ветеранот Гиљермо Очоа, кој се надева на историски настап на шесто Светско првенство. Во нападот главна закана ќе биде Раул Хименес, кој е на чекор до израмнување на второто место на вечната листа на стрелци на мексиканската репрезентација.
Јужна Африка, пак, ќе се потпре на цврстата одбрана и дисциплинираната игра во средниот ред, со надеж дека ќе стигне до прв позитивен резултат против Мексико по повеќе од две децении.
Светското првенство започнува, а фудбалскиот свет со нетрпение го очекува првиот судиски свиреж што ќе го означи стартот на уште еден месец исполнет со возбуда, драма и незаборавни натпревари.
-
„Макфудбал“ е официјален медиумски партнер на „Адриa Фудбал Форум 2026“
Оваа година „Макфудбал“ е официјален медиумски партнер на „Адриа Фудбал Форум“, еден од најважните...
Автор makfudbal
-
ФИЛИП ЛАМ ексклузивно ЗА МАКФУДБАЛ: Германија мора повторно да го пронајде својот идентитет
Шокиран сум. Германија по третпат по ред е елиминирана во раната фаза на едно...
Автор makfudbal
Евро-фудбал
Меси „невидлив“ на почетокот против Шпанија!













