Connect with us

Шкендија загуби од Хибернијан во финишот, но сега шкотскиот тим ќе треба да дојде во Македонија (ВИДЕО)

Шкендија не успеа да остане непоразена на гостувањето кај Хибернијан, иако долго време имаше резултат кој ѝ одговараше. Македонскиот вицешампион загуби со 2-1 во првиот натпревар од третото квалификациско коло во Конференциската лига, па на реваншот во Скопје ќе мора да брка победа за продолжување на европската авантура.

Тетовци одиграа зрел и борбен натпревар на „Истер Роуд“, особено во првото полувреме, кога успешно ги запреа нападите на шкотскиот тим. Хибернијан имаше иницијатива и поголем посед, но одбраната на Шкендија беше на висина на задачата и не дозволи сериозна опасност пред својот гол.

Слична беше сликата и во продолжението. Тимот на Шкендија тактички одлично го контролираше натпреварот, ги затвори просторите и долго време ги оставаше домаќините без вистинска завршница.

Сепак, во 73. минута Хибернијан успеа да го пробие бедемот на македонскиот состав. Рајт создаде простор по левата страна и испрати прецизна топка во шеснаесетникот, а Елдинг со одличен удар со петица од прва го отвори резултатот.

Одговорот на Шкендија беше експресен. Само три минути подоцна, резервистот Марко Ѓорѓиевски уште еднаш покажа дека е фудбалер за големи моменти. По асистенција од Арбин Зејнулаи напаѓачот погоди за 1-1 и донесе голема надеж за позитивен резултат.

Но, кога сите очекуваа натпреварот да заврши без победник, Хибернијан зададе удар во судиското надополнување. По еден корнер и голема гужва во шеснаесетникот, О’Хора успеа да ја испрати топката во мрежата за конечни 2-1.

Шкендија сепак има за што да се надева. Минималниот пораз остава простор за пресврт, а реваншот на Арената „Тодор Проески“ ќе биде одлучувачки. Со поддршка од домашната публика, тетовскиот тим ќе се обиде да ја надополни негативата и да обезбеди пласман во плеј-оф фазата, каде што го чека подобриот од двомечот меѓу Гетеборг и Гент.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови