Connect with us

Шкендија во шкотска мисија, да остане непоразена во Единбург

Пред Шкендија вечерва е нов сериозен европски предизвик. Македонскиот вицешампион од 21 часот гостува кај Хибернијан во Единбург во првиот натпревар од третото квалификациско коло во Лигата на конференции, со желба да избори позитивен резултат пред реваншот на домашен терен.

Избраниците на Артим Положани досега имаат одличен ефект во квалификациите. На патот до оваа фаза најпрво ја елиминираа Европа од Гибралтар, а потоа по две тешки и неизвесни пресметки го совладаа и словенечки Браво, со што си обезбедија дуел со еден од најпознатите шкотски клубови.

Хибернијан важи за фаворит на домашен терен, каде што ќе ја има поддршката од своите навивачи, но во таборот на Шкендија владее оптимизам. Македонскиот вицешампион досега покажа организирана игра, цврста одбрана и карактер во клучните моменти, па верува дека може да остане непоразен и во Единбург.

Играчот за врска Арбин Зејнулаи порача дека ништо нема да биде решено по првите 90 минути и дека конечната одлука ќе падне на реваншот во Скопје.

„Шкендија секогаш оди на позитивен резултат. Нè очекува првиот натпревар против Хибернијан и мора да бидеме максимално внимателни. Момците се подготвени и верувам дека можеме да стигнеме до целта што сите ја посакуваме. Според мене, првиот натпревар нема да го реши патникот во плејофот, туку тоа ќе се случи на реваншот во Скопје. Сега целиот наш фокус е насочен кон дуелот во Шкотска и исполнување на задачите што ги поставивме“, изјави Зејнулаи.

Натпреварот на стадионот „Истер Роуд“ започнува во 21 часот, а Шкендија ќе се обиде да го продолжи успешниот европски ритам и да си обезбеди активен резултат пред реваншот во Скопје.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови