Шкендија по голема борба успеа да го надигра Пелистер со конечни 2-1 во натпреварот од 20. коло на Првата македонска фудбалска лига. Херој на домашниот состав беше Бесарт Ибраими, кој ги постигна двата гола за тетовскиот прволигаш. Тимот предводен од Јетон Беќири стигна до исклучително значајна победа во пресрет на можеби клучниот дуел со Вардар во следното коло.
Првото полувреме понуди динамичен и содржаен фудбал, со по неколку сериозни можности на двете страни. Пелистер влезе мотивирано во средбата и јасно стави до знаење дека ќе биде тврд противник. Тоа го потврди уште во седмата минута, кога искусниот Стефан Спировски ја затресе мрежата. По долга ВАР-проверка, погодокот беше признат и битолчани поведоа со 0-1.
Не ѝ беше потребно многу време на Шкендија да одговори. Тетовци ја засилија офанзивата и двапати сериозно се заканија кон гостинскиот гол. Израмнувањето пристигна во 21. минута по корнер, кога топката ја допре Ибраими и ја смести во мрежата за 1-1.
Домашните можеа брзо да направат и целосен пресврт, но ударот со глава на Фабрис Тамба мина крај десниот дирек на голманот Јовчевски. На спротивната страна, новото засилување од ОФК Београд, Михајло Петровиќ, излезе сам пред голот и шутираше од работ на шеснаесетникот, но топката заврши над пречката. Слична шанса имаше и Тамба, кој овојпат реагираше непрецизно. До паузата се играше отворено, но резултатот остана 1-1.
Вториот дел започна со засилено темпо. Шкендија изведе неколку опасни корнери и во 53. минута побара пенал поради игра со рака, но судијата Ќерими не покажа на белата точка, а ВАР-собата не сигнализираше прекршок. Тамба заработи жолт картон поради приговор, што предизвика бурни реакции од трибините.
Домашниот тим продолжи со притисокот, а тренерот Беќири дополнително го освежи составот со неколку измени. Голoт „висеше“ во воздух, а во 64. минута капитенот Ибраими повторно стапи на сцена. Најдобриот стрелец во историјата на ПМФЛ доби топка од левата страна, ја искористи невнимателноста на одбраната и прецизно погоди за 2-1.
Тренерот на Пелистер, Милан Стојановски, возврати со четири брзи измени, но во продолжението Шкендија делуваше покомпактно и посигурно. Домаќините се обидуваа да постигнат трет гол за помирна завршница, додека Пелистер не се предаваше и се обидуваше да остане во игра.
Во судиското продолжение гостите имаа добри можности преку Булатовиќ и Ивановски, но изостана реализацијата, а голманот Геје одлично интервенираше во клучните моменти.
На крајот, Шкендија ја зачува предноста и славеше со 2-1, доближувајќи се на само четири бода до Вардар, со кого ќе се соочи во големото дерби во следното коло. Пелистер останува на 20 бодови, што моментално е доволно за десеттата позиција на табелата.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија го доби дербито со Вардар и се врати комплетно во трката за шампионската...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Лиридон Љатифи (Шкендија)
Шкендија дојде во Скопје и стави крај на неподеливоста на Вардар. Целиот тим на...
Автор makfudbal
Евро-фудбал
Манчестер Јунајтед сака да го купи Елиф Елмас!
Интернационалци
Елиф Елмас доби место во тимот на колото во Серија А













