Connect with us

Селтик го доби дербито со Ренџерс, Миовски доби шанса во финишот

Во 452. издание на големото „Олд Фирм“ дерби, Селтик на домашен терен го совлада Ренџерс со 3-1 и направи значаен чекор во трката за титулата.


Овој триумф ја направи завршницата на сезоната уште понеизвесна, бидејќи Селтик сега заостанува само еден бод зад лидерот Хартс, две кола пред крајот. Дополнителна драма внесе и киксот на Хартс против Мадервил, поради што последното коло носи директен судир меѓу двата кандидати за титула.


Ренџерс, пак, не успеаја да ја искористат шансата да ја нарушат трката за врвот и остануваат на третата позиција со 69 бодови — седум помалку од Селтик и осум зад Хартс.


Иако гостите поведоа рано, преку Мур во деветтата минута, Селтик брзо ја презеде контролата. Хјун-Џун израмни во 23. минута и го врати балансот пред паузата.


Во продолжението, клучната улога ја имаше Маеда. Тој најпрво во 53. минута донесе пресврт по асистенција на Тирни, а потоа само неколку минути подоцна постигна атрактивен гол со „ножички“, кој веќе се издвојува како еден од најубавите на сезоната.


Селтик ја одржа контролата до крајот на натпреварот, и покрај интензивната атмосфера и неколкуте прекини карактеристични за ова дерби. Во 80. минута Маеда беше блиску до хет-трик, но неговиот удар заврши крај голот, при што ситуацијата беше и офсајд.


Во тимот на Ренџерс, македонскиот репрезентативец Бојан Миовски влезе во игра во 76. минута.


Со оваа победа, Селтик останува во игра за титулата и ја носи целата неизвесност во последните две кола, каде што кулминацијата ќе се случи во директниот дуел со Хартс.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови