МАКФУДБАЛ во Луцерн,
Македонската фудбалска репрезентација со пораз од 3-0 на гостувањето кај Швајцарија во Луцерн го заврши овој циклус од Лигата на нации. Четири натпревари, четири порази за избраниците на Гоце Седлоски, кои повторно платија висока цена за грешките во сопствената половина.
Швајцарија не одигра натпревар за паметење, но покажа доволно зрелост да го искористи речиси секој подарок од македонската одбрана. Фабијан Ридер го отвори резултатот во финишот на првото полувреме, а по паузата Јохан Манзамби и Дан Ндоје го потврдија триумфот на домаќинот.
Почетокот не навестуваше таков епилог. Швајцарците први се заканија во 10. минута преку Ндоје, кој шутираше од работ на шеснаесетникот, но Столе Димитриевски без поголеми проблеми го запре неговиот удар.
Македонија возврати десет минути подоцна. Андреј Стојчевски се најде во добра позиција по нафрлувањето, но неговиот удар со глава заврши малку над голот на Ивон Мвого.
Во 28. минута, Венсан Сиеро се обиде од далечина, но топката заврши покрај голот. Само две минути подоцна, Фабијан Ридер доби уште подобра можност, но овојпат Димитриевски одлично интервенираше.
Македонија имаше свои моменти и уште двапати се обиде да го загрози голот на домаќинот, но ударите не беа прецизни.
Сепак, во 43. минута следеше клучниот момент од првото полувреме. Алиоски ја врати топката кон Муслиу, но реакцијата на македонскиот стопер не беше најдобра. Ридер го искористи подарокот, ја освои топката и го совлада Димитриевски за 1-0.
Мурат Јакин на стартот од вториот дел направи две измени, внесувајќи ги Манзамби и Јашари, со што Швајцарија доби дополнителна свежина и квалитет во средниот ред.
Во 50. минута Нико Елведи се најде во шанса, но Димитриевски повторно беше на висина на задачата. Пет минути подоцна, Јашари имаше можност да асистира за Амдуни, но задоцни со додавањето и пропадна опасноста пред македонскиот гол.
Седлоски реагираше по еден час игра, кога во игра ги внесе Матеј Гаштаров и Азер Омерагиќ, но Македонија не успеа да го пронајде патот до голот.
Наместо тоа, Швајцарија го зададе вториот удар.
Во 74. минута Јохан Манзамби се одлучи на удар од околу 25 метри. Топката не изгледаше како нерешлива задача, но Димитриевски не реагираше најдобро и таа заврши зад неговиот грб за 2-0.
До крајот остана уште еден момент за заборав. Во 81. минута Гаштаров непотребно искомпликува пред нашиот шеснаесетник, ја загуби топката во опасната зона, а Дан Ндоје немаше милост. Напаѓачот на Швајцарија ја искористи грешката и ги постави конечните 3-0.
Македонија така остана без бодови и без постигнат гол во овој циклус, а четирите порази се потврда дека тимот мора сериозно да работи на елиминирање на грешките кои директно влијаат врз резултатите.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Струга Трим Лум победи и на второто последовно дерби, славејќи против Шкендија Тетово со...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Христијан Малески (Струга ТЛ)
Големите фудбалери се познаваат на големите натпревари. Струга Трим Лум успеа да ја победи...
Автор makfudbal
Млади репрезентации
Репрезентацијата до 19 години освои бод во дуелот против Северна Ирска
Млади репрезентации
Хет-трик на Стефан Ристиќ, голема победа на Македонија У17 против Унгарија
Млади репрезентации
Репрезентацијата до 19 години освои бод во дуелот против Северна Ирска
Интернационалци
Ѓоко Хаџиевски ќе биде нов тренер на Локомотив Софија?













