Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски, го објави списокот на фудбалери за новото издание на Лигата на нации, во кое Македонија за првпат ќе настапува во Лигата Б.
„Црвено-жолтите“ ги очекува исклучително густ распоред. Во период од само десет дена ќе одиграат четири натпревари. Првиот е на 26 септември против Швајцарија на домашен терен, а потоа следуваат гостувањето кај Словенија на 29 септември, домашниот дуел со Шкотска на 3 октомври и гостинскиот натпревар против Швајцарија на 6 октомври.
Седлоски на денешната прес-конференција истакна дека очекува максимален ангажман од репрезентативците и најави создавање на компактна селекција со комбинација од младост и искуство.
„Можеме да очекуваме добра игра и борба на секој натпревар, со максимална концентрација, особено во ваков краток период во кој за десет дена ќе одиграме четири натпревари. Повикав 25 фудбалери и три голмани. Мислите треба да ни бидат насочени кон првиот натпревар против Швајцарија.
Имаме пет дена за тренинзи и тие ќе покажат кој на која позиција ќе игра. Имаме фудбалери кои не се стандардни, но мислам дека ќе направиме компактна репрезентација со спој на младост и искуство, со цел да создадеме нова генерација за Европско првенство.
Играчите се тие и затоа направив некои промени во составот. За никого не е затворена вратата во репрезентацијата“, изјави Седлоски.
Селекторот се осврна и на серијата од четири натпревари без победа, како и на проблемот со реализацијата.
„Точно е дека четири меча немаме победа, но знаеме со какви репрезентации игравме. Јас во секој меч сакам да победам, но кога играте против велесили знаете како е.
Јас како селектор, како и сите околу мене, треба да одиграме онака како што јас посакувам. Точно е дека откако сум селектор немаме постигнато гол во четири натпревари. Мора да работиме, имаме нови фудбалери во нападот, почнувајќи и од играчите од македонската лига.
Не се сеќавам кога последен пат биле повикани шест играчи од Македонија. Ги повикав Азер Омерагиќ и Малески. Двајцата годинава постигнаа голем број голови. Малески има седум, а Омерагиќ пет“, додаде Седлоски.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија Тетово не успеа да слави на дуелот со Шкендија Арачиново (1-1), а тоа...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Горан Закариќ (Вардар)
Најдобрите знаат да блеснат кога е најтешко и да го поведат тимот напред. Не...
Автор makfudbal













