Connect with us

Салах има „луда клаузула“ во договорот со Трабзонспор

Мохамед Салах е подготвен да започне ново поглавје во својата блескава кариера. Египетската ѕвезда денес ќе го потпише договорот со турски Трабзонспор, со што ќе заврши повеќемесечната сага околу неговата иднина која привлече огромно внимание во светската фудбалска јавност.

Салах го напушти Ливерпул по истекот на минатата сезона, по девет години поминати на „Енфилд“, каде што стана еден од најдобрите фудбалери во историјата на клубот и освои речиси сите најважни трофеи на клупско ниво.

Трабзонспор ќе биде седмиот професионален клуб во кариерата на 34-годишниот напаѓач. Пред доаѓањето во Турција, Салах настапуваше за Ал Мокавлун, Базел, Челси, Фиорентина, Рома и Ливерпул.

Неговиот трансфер предизвика вистинска еуфорија кај навивачите на Трабзонспор, кои веруваат дека токму Салах може да биде фудбалерот кој ќе го врати клубот во борбата за најголемите трофеи во турскиот фудбал.

Турскиот весник „Акшам“ објави детали од договорот на Египќанецот, а некои од ставките привлекоа посебно внимание.

Според информациите, Салах потпишал двегодишен договор со плата од 17 милиони евра по сезона, што го прави еден од најплатените фудбалери кои некогаш настапувале во турската Суперлига.

Сепак, финансискиот дел не е единствената интересна ставка во договорот. Наводно, Салах ќе има право на 20 проценти од приходите од продажбата на сите производи поврзани со неговото име или лик.

Ваква клаузула е ретка во светот на фудбалот, особено во Турција, и покажува колку Трабзонспор смета на маркетиншката вредност што ја носи еден од најпознатите фудбалери на денешницата.

Во изминатиот период Салах беше поврзуван со неколку клубови, а најмногу се шпекулираше за можен трансфер во Бешикташ, кој исто така се обидуваше да го доведе египетскиот ас.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови